Јас сум служител на сите наши граѓани и сакам да бидам секогаш во нивна заштита, а градоначалниците од СДСМ да не глумат локални шерифи и достоинствено да им служат на граѓаните, рече премиерот Зоран Заев.

Тој ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање за градоначалникот на општина Лозово, Ацо Велковски, за кого деновиве беше објавено дека повеќе вработени во општината се жалат на мобинг од страна на општинската управа, а кој веќе имаше слични обвиненија и во минатото.

– Мојата порака е таа што секогаш ја давам за градоначалниците од СДСМ кои победија на изборите – да не глумат локални шерифи и да им служат на граѓаните достоинствено. Лично разговарав со него и секако добив соодветно објаснување и корекции за одредени работи. Јас сум служител на сите граѓани и сакам да бидам секогаш во нивна заштита. Оваа недела сигурно ќе реагирам зашто јас сум служител на сите наши граѓани и сакам да бидам секогаш во нивна заштита. Секако, граѓанин е и градоначалникот, но тој извршува сериозна и одговорна функција. Не знам детали, не можам да инсинуирам било што, но дефинитивно ќе се информирам за случајот и ќе дадам дополнително коментар, изјави Заев.

ТВ Сител вчера објави дека четворица членови на Дисциплинската комисија се мета на раководството на општината и против нив се поднесени дисциплински постапки. Претходно, неколку пати беше објавувано за случаи со мобинг врз вработените.

Во општина Лозово вработени се 12 службеници, а за три години се соочиле со речиси 30 дисциплински постапки.