Профункционира новата пратеничка група на 8-те пратеници кои го дадоа аминот за расправа за уставните амандамани. Очекував да настапат со некое поинвентивно име, нешто како: пратеничка  група За помирување и уставни измени или па пратеничка група За секој случај, ама очигледно креативноста не им била на највисоко ниво, веројатно затоа што се обременети со тешката задача за подобрување на уставните амандмани па не можеле да смислат подобро решение за тоа како ќе настапуваат во Собрание.

Сé си мислам дека дополнителна секирација им прават и најавите на Села и Касами за уставните измени со кои ќе се реши еднаш за секогаш и статусот на Албанците. Сигурно се туфкаат и се надеваат дека барањето за официјализирање на албанскиот јазик на ниво на цела територија, како и менувањето на преамбулата согласно текстот од Рамковниот договор од 2001-та во кој Македонија (по ново Северна Македонија) е дефинирана како држава на сите граѓани е само блеф на овие две партии и дека нема баш сега да мора и за тоа да гласаат ЗА.

Сигурно кога одлучиле да им дадат шанса на уставните амандамни за реименување на нашата државичка не помислиле дека можеби ќе треба да дадат шанса и за нејзино редефинирање, затоа што претпоставувам дека биле сигурни дека гласовите на БЕСА и Алијанса кои придонесуваат за двотретинско мнозинство нема да бидат условени со ништо друго. Зошто би помислиле дека некој би можел да постави дополнителни услови за гласање на уставните амандмани кога само тие како пратеничка група За секој случај го имаат ексклузивното право да поставуваат барања за да го дадат својот глас?! Па муабетот беше да се дојде до помирување и влез во ЕУ и НАТО, а не за официјализрање на албанскиот јазик и сл., од кај сега излегоа овие барања од колегите пратеници?! Навистина изненадувачки.

Поаѓајќи од своите добри намери Северна Македонија да биде дел од ЕУ и НАТО сигурно не помислиле дека можеби ќе се протене и уште нешто на менито на собраниската трпеза, а ако логички размислуваме кога веќе ја менуваме преамбулата на Уставот за да биде во согласност со желбите на Грција тогаш зошто да не направиме и промена со која ќе бидат задоволни и Албанците кои живеат во Македонија?! Па СДСМ не доби 50 – 60 илјади албански гласови само за да изгради канализација во Арачиново, туку и за да го официјализира албанскиот јазик како втор во државата меѓу другото, и сосема е логично кога веќе Претседателот на државата за инат не го потпишува донесениот Закон за јазици за истиот да не може да стапи на сила, сега тоа да се направи со уставна измена. Барањата на  БЕСА и Алијанса се само и само во насока на надминување на несогласувањата со претседателот Иванов и решавање на еден горлиов проблем еднаш за секогаш. Да не зборувам дека помирувањето кое ќе дојде после формирањето на работната група ќе биде една добра симболика имајќи во предвид дека и настаните од 27-ми се случија после повеќедневни протести против Тиранската платформа, во која беше и барањето албанскиот јазик да биде втор официјален јазик на цела територија на Македонија, пардон Северна Македонија.  Таман помирените ќе се помират со ова прашање еднаш за секогаш.

За крај, верувам дека на новата пратеничка група За секој случај, не им е многу комотно во кошулчињата што сами си ги скроија, водејќи се од демократските принципи во кои цврсто веруваат за тоа како една парламентарна демократија треба да функционира. Не е баш пријатно ти да си тој што го отворил капакот на пандорината кутија и да ги аминуваш ветувањата на Заев и на меѓународната и на албанската заедница. Кој знае, ако доволно долго мантраат ЕУ и НАТО, ЕУ и НАТО, ЕУ и НАТО полесно ќе им биде да се погледнат во огледало и да се чувствуваат комотно во сопствената кожа знаејќи дека сé што направиле направиле за една подобра Северна Македонија.

Мартина Антиќ