Лазе ТЕМЕЛКОВ со „Поглед назад во иднината“

По неуспехот на Владата на Заев да направи продор на патот кон ЕУ, во далечната 2021 год. се одржаа предвремени парламентарни избори на кои победи опозициската ВМРО – ДПМНЕ. Новата Влада веднаш се соочи со нови проблеми. Бугарија побара поделбата на историските личности да продолжи и во периодот по 2 Август 1944. Премиерот Мицкоски им ги понуди Лазо Колишевски и Страхил Гигов, но официјална Софија енергично го одби предлогот. Премиерот се обиде и со значајни личности за македонскиот спорт, па на трансфер листа за заедничко чествување ги стави Шабан Сеиди и Шабан Трстена, но и овој предлог не беше прифатлив за Софија, без притоа да биде понудено какво било објаснување. Бугарската страна побара Македонија да се откаже од Петре М. Андреевски и Гане Тодоровски, за да може да бидат заведени како Бугари. Реакцијата на македонската Влада беше молскавична” Ако сакате Петре, може да ви го дадеме Шилегов, за Гане нема преговори”, гласеше одговорот. Незадоволна, од како што го нарекоа “заеб….киот однос на власта кон братскиот сосед, опозицијата ги активираше ветераните од Шарената револуција. Принципот беше ист, со разлика во нијанси, но заврши работа.

По изборите во 2029 год. на власт се враќа СДСМ, со се уште моќното струмичко крило. Новиот премиер Костадин Костадинов амбициозно го почна мандатот. Ги “прати” во Софија првиот премиер и првиот претседател на независна, самостојна и суверена Македонија, Кљусев и Глигоров. На прашањето на новинарите, дали имало некаков документ со кој се потврдува нивниот бугарски произход, одговорот беше дека немало, но малку чудно му звучеле со штипскиот дијалект?!??!

Земјата се крена на нозе. Масовни онлајн протести се одржуваа од Куманово до Гевгелија и од Дебар до Крива Паланка, но групата за проверка на факти одлично си ја заврши работата и народниот револт беше задушен. Премиерот Костадинов не запре тука. Го искористи моментот и на се уште збунетата македонска нација и ги одзеде Пандев, Панчев и Васе Рингов. Попуста беше жестоката реакција од претседателот на МОК Аце Русевски. Нов состанок на мешовита македонско – бугарска историска комисија е закажан за следната недела. На дневен ред е поранешниот претседател и премиер Бранко Црвенковски. Според неофицијалните информации БЦ испратил куса порака до премиерот Костадинов: “К..иљ, не се се за..аај, пази шо праиш”.

ЕУ испрати соопштение со поддршка, дека го охрабруваат процесот, дека не смее да се испушти моментумот и дека за нив е прифатливо секое решение за кое ќе се договорат двете страни, за Македонија конечно да може да ја одржи меѓувладината конференција со Унијата.