Воислав ЗАФИРОВСКИ

Криминалот не е „привилегија„ на ниту една општествена категорија луѓе. Како сторители на различни кривични дела се јавуваат припадници на различни општествени слоеви, од најниските до највисоките.

Сепак видот на криминалните дела зависи од многу фактори, но има одредени кривични дела кои не може „обичниот„ човек да ги изврши.

Ако појдеме етиолошки, од фактот дека во секоја држава има таков криминал каков што заслужува, ако ги исклучиме убиствата и багателните дела, тогаш има одредени дела кои се исклучива привилегија на лицата на кои им се може, а им се може заради статусот и општествената позиција која ја уживаат во државата.

Токму криминалот на тие на кои им се може, во 1939 година, од познатиот криминолог Едвин Сатерленд, во своето дело „Криминалот на белите крагни„ така е наречен и од тогаш се проучува како криминалитет на белите околувратници или криминалитет на луѓето со бели крагни.

Станува збор за криминалитет кој може да го извршат само лица кои се во таква општествена позиција, која им овозможува да управуваат со одредени општествени процеси; да влијаат на донесување значајни, клучни одлуки, а тие се тесно поврзани со значајни финансиски средства, најчесто средства од државниот буџет, но и средства на корпорации и поединци.

Овој вид на криминалитет е исклучително тежок за истражување, бидејќи како негови носители најчесто се јавни личности, политичари и лица од џет сетот во општеството, со еден збор недопирливи за законот, и покрај тоа што во секоја правна држава, првиот постулат е владеењето на правото подеднакво за сите.

Секоја држава во светот, со правните норми, особено со кривичните закони, прави сериозни напори за стеснување на полето и можностите за ваков вид на криминалитет. Во таа насока се креираат бројни институции, се имплементираат контролни механизми на сите нивоа, но очигледно е дека до денес, никој и во ниту една земја во светот, не успеал да се справи со овој вид на бескурпулозен и нечовечен вид на криминал.

Феноменолошки гледано, криминалитетот на белите јаки е производ на современите општествени творби.

Развојот на техниката, технологијата и брзата информатичка експанзија, овозможија на одредена елитна група луѓе да им се даде власт, моќ и дискрециони права да можат да управуваат со општествените процеси, да менаџираат буџет и да располагаат со моќ на одлучување.

Токму позицијата ги доведува во можност да се огрешат, да ја злоупотребат моќта и да сторат казниво дело.

Најчесто тоа се ликови кои на функцијата гледаат како нешто што ќе им донесе памет и слава, ќе ги направи поумни, поубави…а всушност функцијата им дава совршена можност тие да се одродат, да се отчовечат, да се криминализираат се едно дали со тргување со влијание, дали со директно вклучување во матни тендери и зделки.

Во многу случаи, ќе кажам, заради општествената моќ на тие лица и можноста да влијаат на донесувањето одлуки, остануваат не казнети, делата им застаруваат низ бројните судски лавиринти или обвинителите, чиј избор и поставување зависи од добрата волја на моќниците, едноставно не се одважуваат да покренат обвинителен акт, се откажуваат од гонењето или вршат прекфалификација на делото, со што се минимизираат последиците од делото, затоа што можноста да се разрешат или да се решат, праксата покажува дека е сосема извесна.

Република Македонија е типичен егземплар за криминалитетот на белите околувратници.

Аболициран лик, лик кој седна на обвинителна клупа, лик виден и слушнат од целокупна јавност како бара мито, стана премиер; лик осуден на затворска казна со конфискуван недвижен имот од неколку десетици станови и еден рид пари, неговиот син си купи неколку од конфискуваните станови на неговиот татко; лик кој во брачна заедница, од парите на жена му купи државно земјиште за едно евро и ја внесе во бизнисот со производство и продажба на електрична енергија… наивно тврдејќи дека тоа биле нејзини пари, а во суштина глумејќи заборавеност, дека се што се внесува и стекнува во брачната заедница е заеднички имот, а тој лик беше за несреќа на македонската нација, премиер на државата; лик кој без вложен денар си ја купи Соравија, кој беше фатен со арсенал петарди (кои до ден денес ОЈО ги вештачи?), само што има планинско педигре од Шипковица и ден денес е на слобода и мува не го лази; лик кој овозможи на 214 белосветски криминалци да им се издадат македонски патни исправи, се уште е на слобода, а настрадаа, извршителите кои по ниту еден основ не можат таа операција самостојно да ја спроведат заради заштитните механизми на системот за издавање парни исправи. Во оваа насока, никој, ама баш никој, ниту ОЈО, ниту судечката судика не го постави прашањето за цената на чинење на една вака издадена патна исправа.

Единствено, таков податок протече на судењето на групата на Бели Вук во Белград, каде што еден од сведоците, под заклетва кажа дека човек на Оливер Спасовски, за најмалку 30.000 евра може да обезбеди македонски пасош. Ако направете математика, по најниската цена на чинење на една таква патна исправа, излегува дека за таа цела операција некој се офајдил со најмалку 6.420,000 евра; ликот што беше најгласен за потпишувањето на договорот со Бехтел и Енка, за кого се шпекулира дека располага со имот вреден неколку милиони евра; ликовите што го потпишаа велепредавничкиот договор во Нивици, потпомогнати од амбасадите на колективниот запад, со што и започна разградувањето на македонското национално ткиво, раградувањето на македонската култура, историја и наследство, сите тие, а ги има уште многу, сите тие треба кривично да одговараат за злоделата врз македонскиот народ и држава.

Тие се крокодилите во барата, тие се дебелите во вратовите, без расчистување со нивните злодела и без разлика која амбасада и амбасадор стои зад нив, нема да има прогрес, едноставно, деведесетте минути се истечени, го играме продолжението во кое ни е единствениот спас за поентирање. Наместо бели околувратници, треба да имаат метални алки околу вратовите, како во америчките филмови.

И факт е, нивните функции, не ги направија попаметни, не ги направија ниту нобеловци, туку ги однародија, ги отчовечија и на парламентарните избори поминаа така како што поминаа, како жаба прегазена од шлепер.