Воислав ЗАФИРОВСКИ

За оваа сегашна наша држава, изгледа многу поголема опасност се разочараните луѓе кои барем за миг му поверуваа на актуелниот премиер Заев дека нема да смени Уставот; дека ќе ја набилда економијата и без проблем просечната плата ќе се покачи на 500 евра; дека лекарите специјалисти во јавното здравство ќе имаат плата од сто илјади денари; дека ќе има бесплатно здравство; дека ќе завладее правото и правдата за сите; дека ќе нема селективност во гонењето на организираниот криминал и корупцијата; дека ќе бидат земени на одговорност сите оние што услугите кои според закон се должни да ги пружат на граѓаните, ги наплатуваат во најразлични форми на мито, корупција, непотизам и што уште не.

Оние силни дипломирани информатичари кои работат во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во МВР, наместо да ги штитат информатичките системи на институциите, да превенираат сајбер напади, да ги откриваат формите на крадење и злоупотреба на личните податоци на граѓаните низ различните форми на онлајн тргување, тие зеваат во компјутерите и ги следат фејсбук профилите, поднесуваат кривични пријави на сите што се дрзнале да плукнат врз властелините во новата држава. Нагласувам, само ако плукнале врз властелините и не затоа што тоа е нивна работа, туку само затоа што некој незнајко така им кажал, а од тоа што го следам на социјалните мрежи, очигледно имаат многу работа. Жално е тоа што го работат, жално за изминатите години во информатичка едукација.

Но, и тука има селективност, додека Тричковски и таквите како него кои отворено повикуваат и се закануваат со убиства, со бесење на поедини јавни личности на јарболи, со кревање во воздух и сл. е, тие се заштитени затоа што говорат во име и за сметка на властелините. На тие таквите ОЈО ама баш ништо не им може, тие случаи ОЈО не може да ги реши, бидејќи самите обвинители побргу ќе бидат решени, пардон, разрешени.

Но да се вратиме на суштината, зошто не се најде некој да го обвини Заев како премиер за тоа што до сега многу пати гнасно ја излажа јавноста. Едноставно, тој направи изборна измама – излажа за се’ и покрај дадените гаранции, покрај дадените ветувања, покрај јавните изјави и колнењето во се што му е свето (барем тој така велеше), дека ни на крај памет не му паѓа промена на Уставот, дека нема никаква Тиранска платформа и се’ што оди со тоа.

И не само што излажа, туку јавноста во Република Македонија отворено се сомнева дека токму актуелните власти се испазарија со осумте пратеници од опозицијата, кој за своја слобода, кој за слободата на некои други, кој за пари и други привилегии, а за сето тоа пишуваа и коментираа и грчките, но и некои други медиуми од соседството и пошироко.

Тој чин во нормални држави се нарекува корупција и тоа висока корупција за која се одговара. И нормално Јавниот обвинител молчи, а молчи не затоа што не знае како да постапи, туку затоа што тајниот обвинител така му кажал, исто како во случајот Рашковски, како и сега со случајот Рекет.

 

Најголемите аматери со незаокружено полициско образование ќе знаеја дека кога се води истрага таа мора да биде сеопфатна, ефективна и ефикасна, и се’ што е во врска со неа треба да биде предмет на интерес на истрагата.

Во актуелниеве случаи, Јавен обвинител со толкаво искуство да не нареди одземање на сите мобилни телефони, да не нареди да се изврши претрес во сите простории во кои може да се најдат предмети, документи и други докази за еден така сериозен и мега скандалозен случај, тоа не е случајно, напротив!

Тоа е начин да се уништат трагите и доказите за инволвираноста на одреден број властелини во овој мега скандал, вклучувајќи ја тука и Катица Јанева која очигледно била употребена, злоупотребена или инволвирана, што реторички би рекле политичарите, а правниците би рекле – била соучесник во овој крупен криминален настан.

Инаку зошто целиот тим на СЈО се откажа од Јанева уште со обзнанувањето на мега скандалот?! Зошто Јанева пропадна во земја веднаш по поднесувањето на “неотповикливата” отставка (неотповиклива значи од моментот на нејзиното соопштување)?! Зошто беше и се уште е недостапна за јавноста?! Зошто Заев, онака без аргументи од ракав застана во одбрана на Јанева?! Зошто Заев го игнорираше ставот на целиот тим од СЈО?! Што е тоа што знае Заев, а тимот на Јанева не знае, па ја брани како да е самиот тој Катица?! Зошто е молкот околу уништувањето на електронските записи од компјутерите на вработените во СЈО?! Зарем заборавивме дека за истата работа се уште е актуелен процесот против Грујевски и Бошковски?! Зошто ако правото и правдата се еднакви за сите?!

Веројатно затоа што тајниот обвинител во Македонија повеќе се плаши од емотивните закани на излажаните и афектирани граѓани, дури и тогаш кога таквите закани се нереални, но се лесни за работа на господата обвинители, со нивното ефектуирање се постигнува ефект на нивна ажурност и ангажираност, но и посакуваниот ефект на заплашување на јавноста.

Меѓутоа, тоа што цела јавност го гледа, јавноста која нема резерва во поглед на тоа дека станува збор за еден од најголемите и најдобро организирани криминални скандали со можна инволвираност на властелини од актуелната власт, тоа ќе се влечка по судските лавиринти и со секој изминат ден, се помали ќе бидат шансите еднаш да се стави крај на коруптивната спирала која со години на назад ја држат Република Македонија во чекалната пред вратата на ЕУ.

Впрочем, тоа е веќе видена лекција со еден претходен и со актуелниот премиер, кои долг период се влечкаа по судските ходници.

За крај, никогаш во зајачко тело не очекувајте да најдете лавовско срце! Никогаш!