Стопанската комора за енергетика реагира на издвоената ставка за пренос на енергија во новите сметки за струја што ги издава ЕВН, обвинувајќи ја компанијата дека со овој трошок прави огромни профити, објави ТВ 24.

Комората бара од државата да си го врати преносот и дистрибуцијата на струјата во своја надлежност. Велат дека во сегашната ситуација, никој не ја контролира ЕВН во одредени сегменти од работењето.

Крадењето струја е една од причините за воведување на високи трошоци кон граѓаните, велат членовите на комората за енергетика. Дел од нив додаваат дека струја се краде многу повеќе од она што се знае во јавноста, но велат дека ЕВН тоа го толерира, оти на крајот граѓаните го плаќаат.

Од комората велат дека надлежните од ЕВН постојано ги одбиваат иницијативите за средба. Обвинуваат дека универзалниот снабдувач е оној кој го кочи пуштањето на фотоволтаичните централи. Затоа, членовите на ова тело ќе иницираат протести, во кои, покрај граѓаните, ќе се вклучат и другите стопански гранки.

Граѓани деновиве реагираат откако добиле сметки со издвоена ставка за пренос на електрична енергија, а некои се жалат дека оваа ставка им е далеку повисока од потрошената енергија во сметката. Од ЕВН велат дека ова и порано се плаќало, но било вкалкулирано во цената на струјата. Објаснуваат дека разликата во сумите кај преносот се должи на потрошувачката во евтина и скапа тарифа.