Демократската Република Конго ќе формира паравоена единица за обезбедување на своите рудници, што ќе биде финансирана од Соединетите Американски Држави и Обединетите Арапски Емирати, соопшти Генералната инспекција за рударство на земјата.
Според соопштението, за реализација на плановите ќе бидат вложени сто милиони долари и до декември ќе бидат распоредени до три илјади вооружени регрути. Интенција е до 2028 година единицата да брои 20 илјади припадници што ќе бидат задолжени за обезбедување на рудниците низ земјата.
Во соопштението уште се поочува дека новата единица ќе го обезбедува ископот и транспортот на минералите, и постепено ќе ги замени редовните воени сили што во моментов се распоредени во рударските региони.
Поголем дел од рударските капацитети ги обезбедува полицијата, но на некои локации повремено се ангажираат и припадници на армијата и на претседателската гарда, што е спротивно на Законот за рударство.
Новата единица со текот на време треба целосно да ја замени полицијата, наведува Инспекцијата.
Конго е втор најголем производител на бакар и најголем производител на кобалт во светот. Иако тие метали најчесто се експлоатираат во големи индустриски комплекси, значителен дел од рудата милион рудари ја ископуваат рачно.
Чуварите најпрво ќе бидат распоредени во југоисточниот регион Катанга, богат со бакар и кобалт, кој исто така располага со значајни наоѓалишта на цинк, литиум, злато, како и руди на калај и тантал.




