Расте поддршката за конзервативниот сојуз на германската канцеларка Ангела Меркел пред парламентарните избори во септември, покажува денеска објавеното онлајн истражување на јавното мнение, пренесе ДПА.

Во анкетата спроведена од фирмата за истражување на јавното мислење „ЈоуГов“, 30 проценти одговориле дека ќе гласаат за Христијанско-демократската унија на Меркел (ЦДУ) или нејзиниот баварски партнер, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), што е зголемување од четири процентни поени во однос на претходниот месец.

Меркел, по изборите, на 16 септември треба да ја напушти функцијата на која се наоѓа во последните 16 години, а новиот лидер на ЦДУ, Армин Лашет, во моментов води кампања за изборите, но и за нејзин наследник во политиката.

Зелените, чија кандидатка за канцелар, Аналена Баербок, изгуби дел од својата почетна популарност поради низа несреќни потези, сега опадна во рејтингот за нови три поени, на 19 проценти, покажува истражувањето. Ова Зелените дефинитивно ги става на второто место, по кои следат социјалдемократите со стабилни 15 проценти.

Од испитаниците, 11 проценти се изјасниле дека ќе гласаат за крајната десница „Алтернатива за Германија“, чиј рејтоинг е непроменет од претходниот месец, додека истиот процент би гласал за про-бизнис ориентираните Слободни демократи, чиј рејтинг опадна за еден  процент.

И другите истражувања, исто така, им даваат јасна предност на ЦДУ/ЦСУ пред Зелените.

Неодамнешната анкета на „Форса“ процени дека конзервативците ќе имаат 30 проценти, а Зелените 20 од гласовите на избирачите, пренесе ДПА.

Ваквите анкети на јавното мислење, додава германската агенција, генерално се полни со неизвесност. Меѓу другото, слабеењето на партиските врски и премислувањата до последен момент им отежнуваат на истражувачите да ја одмерат тежината на собраните податоци.