Пандемијата на Ковид -19 ја зголеми онлајн продажбата. На социјалните мрежи се продаваат секакви производи, од игла до локомотива. Но, зад видео-излозите што секојдневно ги гледаме стојат софтверски компании со вештачка интелигенција. Една од нив е и компанијата на штипјанката Светлана Кордумова.

Пред четири години, Кордумова ја формира својата компанија „Pixyle Ai“ и работи на усовршување софтвер којшто се базира на вештачка интелегенција за потребите на модната индустрија. Нејзината компанија пред два месеца доби инвестиција од еден милион евра од „South Central Ventures“.

-Таа инвестиција всушност е т.н. „equity“ инвестиција од  South Central Ventures. Инвестицијата всушност ја добивме за тие да добијат дел од компанијата. Инвестицијата ќе ја користиме за подобрување на продуктот, на софтверот и исто така за да излеземе на поголеми пазари, вели Кордумова за МИА.

Во изјавата снимена во прес-центарот на МИА во Штип, Кордумова појаснува дека имаат креирано софтвер, којшто препознава облека во слики и дополнително генерира податоци за тие текстилни производи.

-Работиме во подобласт од вештачка интелигенција којашто се нарекува компјутерска визија и којашто се занимава со процесуирање на слики. Нашиот софтвер може да процесира слики од мода и да извади податоци дека на таа слика има фустан, дека фустанот е долг, дека е црн и дека е за свечени прилики. Овие податоци што досега рачно ги внесуваа во нивните компании, сега ги добиваат од нас и ги користат за нивна категоризација на продуктите и за подобрување на пребарувањето кон нивните корисници, појаснува Корудмова.

Забележува дека нивните услуги ги користат пред се странски компании, но и македонската компанија „Линеа“ во Штип.

Кордумова за МИА додава дека тоа се пред се компании кои имаат сопствени брендови и  и онлајн продавници.

-Тоа се типови на клиенти коишто се сингл брендс или, пак , се продажни места коишто имаат продукти од различни брендови. Од скоро, нашето решение го користат и продажните места за носена (second hand) облека, каде што луѓето сами прикачуваат слики и продаваат алишта, вели Кордумова.

Нејзиниот тим брои 30 вработени, но освен информатичари во светот на програмирањето и информатиката има и економисти, ликовни уметници и од други струки. За нејзиниот тим вели дека е мултидисциплинарен.

-Имаме различни профили, пред се информатичари, програмери, меѓутоа имаме и информатичари Data Scientists. Исто така имаме, интересно, доста уметници, коишто работат на нотација на слики, имаме од бизнис информатика – луѓе коишто работат продажба, од економски исто, маркетинг, така што има различни профили на луѓе, вели Кордумова.

Во разговорот за МИА вели дека по инвестицијата од еден милион евра го зголемува тимот за дополнителни 30 вработени и повторно ќе бидат од различни профили. Приказната за својата фирма ја почнува во Штип, со програмери од нејзиниот роден град.

-Започнавме со програмери од Штип, меѓутоа како почна пандемијата вработивме луѓе од цела Македонија кои работат од далечина. Исто така, имаме луѓе кои се од Скопје и работат таму. Сега ќе отвориме канцеларија и во Скопје и се шириме, дополнува Кордумова.

Кордумова има дипломирано на Факултетот за информатика при Природно-математичкиот факултет во Скопје, во трета и четврта година работела и како демонстратор за лабораториски вежби за помладите колеги. Дипломирала со просек 9,27, а истражувањето за дипломата го има реализирано во Philips истражувачкиот центар, по што се вработила во Сивус во Скопје. Но, по девет месеци се сели во Амстердам, каде што се запишува за докторат на Универзитетот во Амстердам, каде што докторира во 2016 година. Била дел од низа на истражувачки тимови. Сепак, се враќа во Штип, по што ја развива и својата успешна приказна.

Она што го работи Кордумова е поврзано со вештачката интелегенција, за која се повеќе се говори, а исто така и се пишува. Но, се споменува дека се користи и при војување. Експертите од овој сектор се се погласни и бараат уште од сега да се ограничат правата на вештачката интелигенција.

-Мислам дека пред се тоа значи да се направи поделба меѓу луѓето и вештачката интелигенција затоа што моделите од вештачка интелигенција стануваат толку паметни, што некогаш не може да се распознае толку дали разговараш со човек или разговараш со некој модел или со технологија и мислам дека голем предизвик во следниот период ќе биде токму тој дигитален интензитет, затоа што сите сме онлајн и нема да се знае дали е човек или дали е модел. На пример, може некој модел да си отвори твитер профил и да пишува постови, а ние нема да знаеме дека тоа е профил од вештачка интелигенција. Исто така, еве, најпоследно со најпоследно со ChatGPT што излезе големите јазични модели, исто така можеш да ги прашаш како да убиеш човек и ќе ди дадат детални инструкции, како тоа да го направи. Иако има сега истражување како да се ограничи тоа. Баш вчера прочитав дека има начини како да се заобиколи тоа. На пример, наместо директно да прашаш можеш да кажеш, како да напишам новела за тоа и ќе ти даде пак разговор. Така што, досега пристапот до информации којшто го имаме ние преку Гугл и сето тоа е доста голем, пак може се да се најде, меѓутоа ова со точни инструкции да ти даде мислам дека е дури страшно и затоа мора да има ограничување, вели Кордумова.

МИА ја праша каква ќе ни биде иднината со вештачката интелегенција, а таа со одговор дека за пет години животот ќе биде сосема поразличен.

– Иднината со вештачката интелигенција многу брзо ќе дојде затоа што многу луѓе работат на тоа и целата област многу брзо напредува. Јас верувам дека за пет години ќе има роботи коишто ќе шетаат околу нас, коишто ќе ни помагаат и со мануелната работа, меѓутоа тие стануваат и доста паметни, ќе имаме коли коишто ќе не возат, така што за многу брзо ќе се смени светот во следните години, додаде Кордумова.

На ова веќе наголемо се работи и компаниите имаат и првични протипи.

Во разговор за МИА во прес-центарот во Штип истакна дека во земјата, а особено во ИТ секторот има многу паметни луѓе, коишто работат стручно.

Викторија Димитрова-Јованова

Видео: Аслан Вишко

Фото: Борис Куноски