Ќе биде ли појасно како ќе продолжи функционирањето на Република Македонија во идните месеци по денешното обраќање на претседателот на државата Стево Пендаровски најавено за напладне?
Пендаровски се очекува да даде одговори на прашањата кога ќе има седница на Советот за безбедност и каква ќе биде одлуката за вонредната состојба поради коронакризата, што исто така би дало некаква насока и за тоа дали и кога би се одржале парламентарните избори во земјата.
Македонија функционира со техничка Влада, чијшто мандат е организирање парламентарни избори, и без Собрание, кое се распушти во февруари, за да бидат организирани предвремени парламентарни избори на 12 април. Пандемијата со коронавирусот ги промени плановите за изборите, па, така тие со Уредба со законска сила беа одложени односно прекинаа изборните дејствија. Земјата е во вонредна состојба од 18 март.
Извесно е дека техничката Влада предводена од техничкиот премиер Оливер Спасовски нема да побара нова вонредна состојба или продолжување на четвртата која Пендаровски ја прогласи по Советот за безбедност на 30 мај и завршува на 14 јуни. Чекорите што ги презема Владата со носење на одредени уредби со законска сила, како онаа за продолжување на изборните дејствија, но и вчерашната изјава на министерот за здравство Венко Филипче укажуваат дека тоа овој пат нема да се случи иако во изминатите денови бројките на заразени со коровирусот се над 100 дневно, а само вчера починаа петмина заболени.
Министерот за здравство Филипче вчера на прес-конференција рече дека и покрај зголемениот број на заболени, особено во Скопје, Липково, Штип и некои други места во земјата, не треба да има продолжување на вонредната состојба, туку дека резултати ќе има само доколку има поинтензивни контроли за носењето маски и спречување на групирањето, посебно во вечерните часови.
Претседателот Пендаровски беше медијатор, како што самиот кажа во едно интервју, на лидерските средби што се одржуваа во Вила Водно под засилени мерки за заштита од коронакризата се со цел дијалог и надминување на разликите за датумот за одржување на изборите од страна на партиите. Тој денеска се очекува да каже и дали има основа за нова ваква средба. До вчера напладне, според партиски извори, немаше иницијатива за одржување ваква средба, но ниту од власта ниту од опозициската партија не кажаа дали меѓу нив има дијалог или партиските ставови се разменуваа само преку соопштенија и медиумите.
Владејачките партии СДСМ и ДУИ се на став дека избори треба да има на 5 јули, додека ВМРО-ДПМНЕ не соопштува став за датум. Медиумите се почесто пренесуваат неофицијални информации за избори во јули, но останува деновиве да биде потврдена или демантирана оваа информација. Доколку партиите не постигнат компромис, на што постојано меѓусебно се повикуваат, можно е земјата да падне во нова криза, која поради состојбите со коронавирусот може да биде и економска и политичка. Разногласие по прашањето за датум за изборите, особено кога процесот треба да се спроведат под засилени мерки за заштита од коронакризата и со различни толкувања за периодот на подготовка на изборите по прекинувањето на дејствијата, има и во Државната изборна комисија.
Официјално партиите остануваат на своите ставови, неофицијално најави за избори во јули
Лидерот на СДСМ Зоран Заев синоќа во интервју за ТВ 21 повтори дека час поскоро треба да се оди на избори, затоа што немаме парламент, а имаме техничка влада и оти редно е да организираме избори за да може државата да функционира.
Како што кажа, претседателот Стево Пендаровски нема предлог од страна на техничката Влада за продолжување на вонредната состојба и тој не може самиот да предложи и да си прогласи вонредна состојба.
Бројките на заразени со Ковид-19, не болат сите, но, како што рече Заев, бројките можат да бидат исти и на 15 јули и на 15 август и на 15 септември и на 15 ноември.
– Петти јули уставно и законски е определен датум на моменталната состојба како стојат работите. Ако не се договорат партиите тогаш останува што – да се почитуваат Уставот и законот. Уставот и законот ќе го кажат датумот. Ако со Мицкоски сме зборувале за 8 јули, тогаш ќе се согласиме. Ќе излеземе пред граѓаните и ќе речеме бараме плус три дена, т.е. 8 јули да биде датумот за избори, рече Заев зборувајќи за определувањето на датумот за одржување на предвремени парламентарни избори.
Според него, СДСМ ќе победи на изборите, а ДУИ заминува во опозиција ако поставува услови за водење на државата. Очекува неговата партија односно коалиција да има предност од 6 до 10 пратеници.
– Тоа се бројките, до партиите стигаат истите бројки. Затоа не сакаат избори, сето друго е изговор, дополни Заев.
Лидерот на владејачката партија рече дека набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР јавно се изјаснила дека тие се подготвени да испратат мисија за набљудување на парламентарните избори и оти и МНР доставило писмо дека изборите по закон и по Устав треба да се одржат на 5 јули.
Според Заев, на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски им е јасно дека ќе ги изгубат изборите и затоа бегаат од изборно соочување.
– Опозицијата не покажа став за сите важни прашања, ним би им одговарало ваква неизвеснот, да пливаат во матно и изборите постојано да се одлагаат, но знаат дека бројките, рејтинзите не можат да ги променат, народот има став за сите нас. Опозицијата треба прва да бара избори, за да има политичка влада и одговорност, да презема чекори. Здраво е за државата, за здравството, за економијата да имаме политичка влада која ќе сноси полна одговорност пред граѓаните, истакна Заев.
Опозициската партија реагираше на овие тврдења посочувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ најостро ги демантира лагите на Заев дека 8 јули е преговаран датум.
– Тоа е предлог на СДСМ кој од ВМРО-ДПМНЕ не е прифатен. Дополнително Заев лаже кога вели дека ќе има целосна мисија на ОБСЕ и ОДИХР, тоа е лажна приказна на Заев, затоа што сака избори без набљудувачи. Доколку Заев сака некој да му верува, нека покаже јавно каде ОБСЕ се има изјаснето дека ќе испрати целосна мисија, се посочува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ, како што потенцираат од опозициската партија, ќе победи, но нема да гази по мртви луѓе. Животот на граѓаните нема цена.
Вчерашните брифинзи од оваа партија беа дека ВМРО-ДПМНЕ засега останува на своите ставови во врска со предвремените парламентарни избори. За нив е најважно здравјето на граѓаните, особено во ситуација кога имаме секојдневно зголемување на бројките на заболени од Ковид-19. Од таму не кажуваат датум што тие сега во вакви околности би го прифатиле или предложиле за одржување на изборите. Опозицијата преферира на евентуалните избори да се гарантира присуство на меѓународната мониторинг мисија на ОБСЕ/ОДИХР и други меѓународни претставници.
ДУИ исто така ја поддржува идејата за избори на 5 јули. Вицепремиерот Бујар Османи се согласува со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји дека се потребни фер, демократски и инклузивни избори, со земање предвид и на состојбата со пандемијата предизвикана од коронавирусот. Се уште верува, дека такви избори се можни на 5 јули и смета дека неговата медијација (Вархеји) во утврдување на датум за избори не е проблематична, бидејќи, како што вели со добивањето на одлука за почеток на преговори со ЕУ, земјава веќе станува внатрешно прашање на Унијата.
– Во однос на медијацијата мислам дека ние веќе стануваме внатрешно прашање на ЕУ со фактот дека добивме одлука за започнување на преговорите и медијацијата односно помагањето од страна на ЕК не го гледам како прашање на надворешно посредување. Тоа е внатрешно посредување бидејќи ние веќе сме дел од семејството. Тоа е како некој внатре во државата да посредува меѓу одредени политички партии или институциите. Така ја разбирам и улогата на комесарот Вархеји кој е комесар на Унија каде ние веќе полека стануваме дел, рече Османи.
Вицепремиерот не сакаше да прејудицира каква ќе биде проценката и одлуката на Владата во врска со вонредната состојба, само рече дека ќе се направи пресек на епидемиолошките трендови и потоа ќе биде изграден став кој ќе му биде презентиран на претседателот Стево Пендаровски.