Утринава нема нови информации за заразани со Ковид 19, третата жртва од корона вирусот во земјава е од Дебар.
Пациентката беше на 66 година возраст, таа неколку денови беше во тешка состојба и на машина за дишење, објави ТВ Канал 5.
Бројот на новозаболени во претходните два дена беше намален, но вчера до пладне, по поминати 24 часа, повторно се искачи на 29. Вкупниот број со новите случаи сега е 177.
Од 29-те новозаразени, 20 се од Скопје, тројца се од Куманово и еден од Дебар, а коронавирусот првпат е потврден и кај жители на прилеп – двајца сопружници над 60 години чиј син бил на Копаоник во Србија, како и во Велес каде што се потврдени тројца инфицирани.
Пет од 29-те нови случаи се поврзани со заболената поранешна директорка на клиника за кожни болести. Тие немале симптоми, но тестовите за коронавирусот кај нив биле позитивни. Лицата ќе останат во домашна изолација и ќе бидат во контакт со лекари од инфективната клиника. Останатите од триесетината тестирани поврзани со докторката од дерматологија биле негативни.
Од вкупно 177-те досега заразени со коронавирусот во земјава, 14 или 15 се здравствени работници од Скопје, Кавадарци, Дебар и Куманово.
Позитивни на ковид-19 се и двајца припадници на армијата.
извор: kanal5.com.mk