Косово делумно укина дел од зголемените царини за овошјето и зеленчукот но остана царината за доматите, пиперките, јаболката, крушите, сливите, малините и грозјето.

На министерскиот состанок на земјите-членки на ЦЕФТА којшто се одржа денеска во Белград, беше нагласено дека владите од регионот очекуваат Косово да ја укине заштитната царина од 30 отсто за сите 21 производ. Ако не се случи тоа, секоја земја самостојно ќе одлучи каква контра-мерка ќе воведе против Косово.

„Ние очекуваме веднаш, целосно повлекување на оваа одлука, но истовремено македонската Влада ќе ги преземе сите неопходни чекори коишто ни стојат на располагање за заштита на домашното стопанство”, рече Љупчо Николовски, министер за земјоделство.

Министрите на состанокот донесоа одлука да формираат и оперативно тело кое ќе работи на ефикасно решавање и укинување на сите трговски бариери кои ќе се појават во регионот.

„Ние се бориме против принципите секој да може да прави што ќе му падне на памет и да воведува вонцарински и царински бариери под притисок на различни лоби групи”, изјави Расим Љаиќ, министер за трговија и комуникации на Србија.Извозот на земјоделски производи од Македонија во Косово пред дополнителната царина беше од 100 до 150 тони дневно, а сега не е ниту 10 тони. Министерите испратија порака дека се против почнување царинска војна во регионот зашто на тој начин би загубиле сите локални економии и држави