Премиерот во оставка на Косово, Рамуш Харадинај, го осуди ранување на 18-годишниот косовски Србин, што се случи вчера попладне на мостот на реката Ибар, што го дели градот Митровица, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај на својата страница на Фејсбук ги повика правосудните органи бргу да го решат случајот и да ги казнат стрителите.

„Најостро го осудувам случајот на тепачка и прободување на мостот на реката Ибар. Ги повикувам правосудните органи брзо да го расчистат случајот и да ги осудат сторителите со казна која ја заслужуваат. Косово е држава на сите свои граѓани и секогаш било пример на толеранција и различности. Ваквите акции се изолирани случаи и никогаш нема да го загрозат мирот и безбедноста во земјата“, порача Харадинај.

Во тепачка, што се случи вчера околу 18 часот во поделениот косовски град, засега непознати лица, за кои се тврди дека се од албанска националност, го избодеа со нож 18-годишниот Д.Б. од Северна Митровица, кој е пренесен во градската болница и е надвор од животна опасност.

По повод инцидентот се огласи и претседателот на Србија Александар Вучиќ, кој рече дека овој случај покажува „колку е опасно да се отвори мостот на Ибар“.

– Ова се лоши работи и лоши вести. Ова е причината поради која јас реков колку е опасно да се отвори мостот на Ибар, бидејќи желба на Албанците е северот на Косово и улицата „Крал Петар“ во Митровица, изјави Вучиќ.