Економските политики на Владата предводена од СДСМ и коалицијата даваат видливи резултати, истакна денеска портпаролот и пратеник на СДСМ, Костадин Костадинов.

– После деценија економска стагнација во времето на ВМРО-ДПМНЕ, економијата сега е стабилна и се движи во нагорна линија. Во првиот квартал од годинава, бруто домашниот производ порасна за 4,1 отсто. Тоа е највисок раст на економијата во последниве неколку години. Стапката на невработеност е намалена на 17,8 отсто. Тоа е историски најниско ниво на невработеност од независноста, па до денешен ден. Со растот на инвестициите и активните мерки за вработување, за помалку од две години, отворени се близу 50.000 нови работни места. Само преку Оперативниот план за активни мерки за вработување, во 2018 се вработени околу 6.500 лица од кои најголем број се, или над 50 отсто, се млади лица до 29 години, рече Костадинов.

Со пилот програмата Гаранција за млади, додаде портпаролот, минатата година 1.839 млади се вработиле во период од само 4 месеци по нивното евидентирање како невработени лица.

– Во периодот кој што ни претстои очекувано е ваквите позитивни трендови дополнително да се интензивираат и економијата да продолжи да расте. Позитивно и охрабрувачки е што се повеќе работни места се отвораат во приватниот сектор. Тоа е особено важно бидејќи приватниот сектор е движечка сила за одржлива економија на долг рок. Мерките што обезбедуваат економски раст и развој, нови работни места, повеќе пари и повисок животен стандард за сите граѓани продолжуваат. Грижата кон граѓаните, грижата кон државата продоложува. Зборот е збор, рече Костадинов.