Реновирани ќелии и клозети, подобрена исхрана, зголемен избор на рекреативни активности, како и похуман однос и почитување на човековите права на затворениците е моменталната состојба што репортерите на МИА ја затекнале во затворот Скопје, познат како „Шутка“.

Казна тука издржуваат осудени до три години затвор, како и рецидиви осудени со правосилна пресуда до шест месеци. Во „Шутка“ се наоѓа најголемото и најобезбеденото притворско одделение, во кое се извршува мерката притвор изречена кон машки и женски лица од целата територија на земјава, на кои им се заканува казна над десет години.

Во моментов казна затвор издржуваат 150 осудени лица, а капцитетот е до 170. Во притвореничкиот дел, што е со капацитет од 330 места, во моментов има околу 250 лица.

Во разговор со директорот на затворот Ѓоко Котески дознаваме дека тој и неговиот тим имаат големи планови за идни активности, реновирање во одделенијата каде што со години ништо не е сменето, но и активности од културно-забавниот живот во затворот.