Професорката Наташа Котлар, која е и претседател на Здружението на историчари на Македонија, револтирана од интервјуто на македонскиот премиер Зоран Заев за БГНЕС, му упати повеќе прашања, со кои револтирано прашува кој е тој да го руши асномскиот темел на македонската држава.

– Каков бескрупулозен лик! Каков вкрстен, сплотен и заеднички настап, емитуван во етерот! Врвен резил од празни зборови и неукост! Недоличност и ароганција на северниот премиер! Барем некој да го подучеше, барем некој комисист! Кој си Ти човеку да ја газиш и срамотиш нашата историска содржина? ТAA, не e Твоја лична сопственост!
Кој си Ти човеку да нè братимиш со оној кој не нè признава и негира? Кој си Ти човеку што го гнасиш јазикот македонски со лош говор и неписменост? Кој си Ти човеку да ги гребеш нашите души слободарски, илинденски, партизански, родољубиви? Кој си Ти човеку да го рушиш асномскиот темел на македонскиот народ и држава?
Можеби си некаков политички авторитет во твоето северно маало, но нам, на Македонците не ни треба гнет. Затоа, на крајот, вапцаровски ќе Ти порачам: „за сè ќе ѝ раскажеме на мајката историја“!, напиша Котлар во нејзината објава на Фејсбук.