Неверојатно, но вистинито! Не сум јас заканата за јавниот ред и мир во РСМ, вели во реакцијата бугарскиот европратеник Андреј Ковачев по соопштението од македонското МНР за забраната за влез во Македонија на петмина бугарски граѓани, вклучувајќи го и Ковачев.

– Властите во Скопје очигледно беа вознемирени од бугарските и европските реакции за забараната да влезам на територијата на РСМ, па се чуделе со какво решение на ситуацијата да излезат за да не мораат да му објаснуваат на светот која е причината за правење црни листи на Бугари. Веројатно многу се чуделе и мудрувале за да смислат дека сум бил вратен затоа што сум бил во „лошо“ друштво. Освен што ова објаснување на сите им звучи толку смешно што тешко дека некој може да поверува во тоа, забораваат дека јас бев таму и бев директен сведок на она што се случуваше, објави Ковачев на Фејсбук.

Тој додава дека неговото и името на Милен Врабевски излегле директно во конпјутерскиот систем на македонската гранична полиција, бидејќи, според него, предвреме биле директно внесени.

– Сето ова ќе беше навистина смешно и комично ако не стануваше збор за земја кандидатка за членство во ЕУ и пред се наш прв сосед со кој се обидуваме да градиме некакво добрососедство и пријателство. Е тоа веќе не е смешно, туку трагично, пишува Ковачев.

Во објавата тој бара од македонските власти одговори на неколку прашања: Дали има црни списоци на бугарски граѓани кои не се пуштаат на територијата на РСМ? Дали сум и дали сум бил на таков список и ако сум, која е причината? Кој од четворицата други кои беа вратени е закана за безбедноста и јавниот ред на РСМ и зошто? Зошто граничните власти не ми предложија да продолжам сам, без оние кои се закана за РСМ? Дали лично претседателот Пендаровски барал мене и на Милен Врабевски да не биде дозволен влез во РСМ? Дали на средбата кај Пендаровски во февруари е донесена одлука за црн список? Кои се сите лица вклучени на тој список и зошто?, се прашањата што ги поставува Ковачев.

По реакциите од Бугарија и од европратеници, како и од претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, македонската амбасадорка во Софија, Агнеза Руси Поповска вчера беше повикана во бугарското МНР каде што ѝ било кажано дека забраната за влез на Ковачев била мерка што е неоснована и некомпатибилна со европските принципи и норми, кои РС Македонија се обврзала да ги почитува.