Претседателот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски денеска негираше дека ги нарекол медиумите „полтрони“ и уште еднаш се извини за кажаното на 19 февруари, по отворањето на партискиот штаб во Кисела Вода.

Тој истакна и дека ги прифаќа сите реакции, и од здруженијата на новинарите и од другите институции.

-Тоа што вие го кажавте, јас не сум го кажал така. Ги прифаќам сите реакции, и од здруженијата на новинарите и од другите институции, и на самиот настан кажав дека сум веднаш подготвен да се извинам. Се извинив и на самиот настан, еве извинување и денес, рече Ковачевски, одговорајќи на новинарско прашање како ги коментира реакциите од новинарските здруженија откако медиумите на некој начин ги нарекол „полтрони“.

На прашањето дали денешното извинување е искрено, Ковачевски одговори потврдно.

-Да, да, искрено, рече кусо и информира дека веќе разговарал и со претседателот на ЗНМ.

-Имав долг разговор и со претседателот на ЗНМ во неколку наврати, бидејќи тој е најдобриот сведок на тоа што се случуваше до 2016 година, истакна Ковачевски.

На новинарко прашање на кои медиумски куќи мислел кога кажал дека „во подрум ќе цвикаат и чекаат СДСМ да ги вади“, Ковачевски негираше дека така не рекол.

-Не е точно, бидејќи ако ја погледнете изјавата, јас кажав дека до 2016-та тоа се случувало и не би сакал да видиме време кога повторно тоа ќе се случува. Така што, ако ја погледнете целата изјава, а таа е снимена, тогаш е многу јасно што јас имам кажано, подвлече Ковачевски кој присуствуваше на настанот по повод почетокот на градежните работи на Универзална сала.

фото: МИА