Премиерот Димитар Ковачевски, денеска се обрати на свеченото одбележување на почетокот на „Заедничката операција на ФРОНТЕКС во РС Македонија“, како дел од договорот за оперативни активности спроведени од страна на Aгенцијата за европска гранична и крајбрежна стража ФРОНТЕКС.

Тој рече сите што го критикувале договорот ФРОНТЕКС, што фрлале молотови коктели врз Владата да им се извинеле на Маричиќ и на Османи.

– Во оваа прилика сакам да го поздравам и штотуку пристигна вицепремиерот за европски прашања господинот (Бојан) Маричиќ, тоа што тој го зборуваше минатата година во јули заедно со мене, заедно со министерот за надворешни работи (Бујар Османи), се потврди дека било вистина и дека договорот ФРОНТЕКС и ќе биде потпишан и ќе биде имплементиран. Останува на оние кои што критикуваа, кои што фрлаа молотови коктели врз Собранието, врз Владата, врз МНР, во најмала рака на него и на министерот за надворешни работи да им се извинат, рече Ковачевски.

Тој додаде дека „со потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС и неговата ратификација, статусот на македонскиот стандарден јазик се издигнува на рамноправно рамниште со сите други јазици кои се зборуваат во ЕУ“.

– А нашата култура, јазик и идентитет, се признати и препознаени и во меѓународни рамки. На овој начин, македонскиот јазик и идентитет се неприкосновени и втемелени во европското законодавство.
За нас ФРОНТЕКС значи заштита на нашите граници, значи заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на нашата држава, значи навремен одговор за сите безбедносни ризици по нашата земја, значи безбедност и мирен сон за нашите деца, значи контрола на миграциските движења, значи справување со меѓународниот криминал, значи признавање на нашите цврсти заложби за зачувување и промовирање на македонскиот јазик на нашиот евроинтеграциски пат, значи можности за примена на професионални европски стандарди и зачувување на меѓународниот мир и безбедност, рече Ковачевски.