Документацијата и деталите од договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10-д Владата ќе ја презентира во Собранието, пред пратениците кои поседуваат соодветен безбедносен сертификат, соопштија од владината прес служба.

„Целта е, пратениците да се запознаат со содржината и сите детали од Договорот за изградба на двата коридора, кои се од нивни интерес. Презентацијата на Договорот, ќе биде спроведена пред сите пратеници од Собранието на Република Северна Македонија кои поседуваат соодветен безбедносен сертификат. Учеството на секоја институција е важно за брза и навремена реализација на овој најголем инфраструктурен проект, кој е од стратешки интерес за државата“, велат од Владата.

Договорот со конзорциумот Бехтел и Енка не е достапен за јавноста затоа што е класифициран, односно е деловна тајна по барање на изведувачот и Владата. Објаснувањето на првиот вицепремиер Артан Груби беше дека никаде во светот каде што Бехтел и Енка склучувале договори не биле јавно објавени.

Овој проект од самиот почеток го следат контроверзии. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали со фирмите за надзор. Но и покрај сомнежите , Владата и Бехтел и Енка го потпишаa договорот.