Ниту сум информиран, ниту некој побара да дадам оставка, вели заменик-министер за одбрана Башким Хасани, откако неговото место премиерот Димитар Ковачевски го „огласи“ за друг кадар.

– Најверојатно, причината за моето разрешување е јасно искажаното незадоволство од првиот вицепремиер Артан Груби. Но, нема да побарам образложение од Ахмети, изјави Хасани за порталот 360 степени.

Со реконструкцијата на Владата за влез на Алијанса за Албанците, неколку позиции отстапува и владејачката ДУИ, но на „различен начин“.

Така, на пример, досегашниот министер за животна средина Насер Нуредини самиот поднел оставка откако е договорено овој ресор да му припадне на СДСМ и со него да раководи Каја Шукова. Но, тоа не е случај со заменик-министерот за одбрана Башким Хасани, кој исто така е од редовите на ДУИ, но не се повлекува сам, туку за него премиерот Ковачевски доставил предлог за разрешување до Собранието.

Хасани е дел од т.н. огнена група во ДУИ и неговиот потпис стои на списокот на партиски членови кои застанаа зад петицијата против вицепремиерот Артан Груби и сè уште активно работат на терен, со цел да го принудат Али Ахмети, како што велат, на внатрепартиски реформи.

Хасани, на функцијата заминк-министер во Министерството за одбрана, кое сега го предводи Славјанка Петровска, е уште од времето кога министерка беше Радмила Шеќеринска.