Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за одбрана Славјанка Петровска, ќе учествува на состанокот на Северно-атлантскиот совет во рамките на Вонредниот самит на шефови на држави и влади на НАТО што денеска се одржува Брисел.

Тој во изјавата за медиумите пред почетокот на Самитот, ги соопшти очекувањата од состанокот.

-Денес сме сведоци пред голем предизвик за Европа и за целиот свет. Бевме убедени дека мирот во Европа никогаш нема да биде прекинат со ваквата агресија на Руската Федерација кон Украина. Тоа претставува невидено кршење суверенитетот и територијалниот интегритет на една независна држава. Ова предизвикува бегалска криза. Денеска сите сојузници на НАТО се обединети и ќе ја дадеме нашата поддршка за народот на Украина. Ќе останеме обединети и С. Македонија како земја членка на НАТО веќе ја усогласи својата надворешна политика со ЕУ и ги донесовме сите одлуки со земјите членки на НАТО и на ЕУ, изјави Ковачевски.

Самитот, додава Ковачевски, има  цел да го одврати Путин од тоа што Русија го прави во Украина.

– Сметаме дека мирното решение е единствениот начин за решавање на ова прашање. Во насока да им помогнеме на Украинците ги донесовме сите потребни одлуки во земјата за да ги прифатиме сите бегалци кои би побарале засолниште во нашата држава. На состаноците кои претходеа на овој самит во НАТО беше разговарано за зацврстување на источното крило и тоа секако ќе биде дискутирано и на овој вонреден самит. С. Македонија како земја членка на НАТО веќе понуди соодветна помош на украинскиот народ. Сега е време кога слободниот народ на Украина има потреба од помош од демократскиот свет, изјави Ковачевски.

Видеото може да го погледнете ТУКА.