Сега е време за храброст за да го оствариме сонот на Илинденците и на партизаните, објави премиерот Димитар Ковачевски на својот официјален профил на Фејсбук, по синоќешната прослава на „датумот од ЕУ“ што беше приредена во Клубот на пратениците во Скопје.
– Се затвори едно поглавје, и отвораме ново. Затоа, сега е времето кога треба да застанеме заедно, обединети, полни оптимизам и верба за подобро утре, за да можеме да ги здружиме силите и заеднички да се посветиме на развивање силна, успешна и просперитетна европска држава.Сега е време за храброст, посветеност и јасен поглед кон иднината за да можеме брзо и одлучно да го оствариме и сонот на нашата генерација, но и сонот на Илинденците и борците од НОБ. Да се обединиме и да застанеме заедно, бидејќи само заедно сме посилни, објави Ковачевски на Фејсбук.
Прославата на „почетокот на преговорите со ЕУ“ беше приредена за државниот врв, министри, странски претставници, верски поглавари, приврзаници на власта од разни сфери, а отсуствуваше само народот кого оваа власт сака да го израдува.
Многу граѓани се прашуваат зошто власта не организира веселба за народот за овој свој успех, кога се знае дека за многу помали приредувала фешти во Скопје и во други градови низ Македонија?
Оваа власт знаела да се радува и на туѓи успеси, како на пример, што беше чочекот за пуштање на автопатот што го изгради „бившиот режим“. Или пак големата фешта што беше приредена во Скопје по пуштањето на автобуската постојка за градскиот автобус број 50 во ГТЦ итн. Сега, кога Ковачевски го остварува сонот не само на оваа генерација, туку и на илинденците и партизаните, минува без општонародна прослава и веселби.
А кога сме кај илинденците и партизаните, да се потсетиме дека деновиве, пред Владата што ја води Ковачевски секој ден имаше протести од македонскиот народ и граѓани на Македонија против распродажбата на идеалите од Илинден и НОБ, односно на Илинденците и партизаните.
(Д.Г.)