Како никогаш досега Европа е свртена кон и посветена на државите од Западен Балкан, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски во воведното обраќање на Скопскиот економски и финансиски форум (СЕФФ).

Тој напомена дека економските бенефити од ЕУ ќе бидат огромни.

– Бројни истражувања кои се направени години наназад покажуваат дека најголемото незадоволство на граѓаните кои живеат во регионот на Западен Балкан, е поради економската состојба, двоцифрените стапки на невработеност, голем одлив на високо и ниско квалификувана работна сила. Ние мора да ја донесеме Европа тука и така да бидеме препознаени, како нова достоинствена и почитувана членка. И сега се наметнува прашањето – какви би биле економските ефекти од членството во Европската Унија? Тоа во првите 5 години ќе значи повисоки плати од 70 до 100 проценти. Пораст на БДП во износи од 80 до 90 отсто, зголемен број на работни места. За 30 до 40 отсто зголемен број на малите и средните претпријатија. Во 2008 година Северна Македонија и Хрватска беа на иста позиција да станат членки на Унијата. Пред два дена мојот хрватски колега Андреј Пленковиќ истакна дека Хрватска за десет години членство во ЕУ е 12 милијарди евра во плус. Хрватска во ЕУ влезе во 2013 година со стапка на невработеност од 17,3 проценти во 2022 стапката на невработеност на Хрватска е симната на 6,7 отсто, рече Ковачевски.