Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во своето гостување во радио Лидер зборуваше дека тој како носител на изборната единица 3 очекува голема победа, масовна излезност на граѓаните и голем пораз на власта.

-Да, носител на листа ќе бидам на изборната единица 3, тоа е една од поголемите изборните единици, имаме 22 општини, практично се протега од скопските општини Зелениково, Петровец, Илинден па се до крајниот исток до Берово. Сериозна изборна единица во која што очекуваме голема победа, очекуваме една масовна излезеност на граѓаните, со цел да ги поразиме овие што се на власт, рече Ковачки.

Тој во текот на своето гостување порача дека понудата која ќе ја даде ВМРО-ДПМНЕ на престојните парламентарни избори ќе бидат проекти, економски развој, правда односно се она кое што го немаат граѓаните во изминатиот период.

-За секои избори се подготвува стратегија, се проучува противникот. Тука оружјето е зборот и понудата која што ќе ја имаме да ја дадеме на граѓаните, тоа се нови проекти, економски развој, правда, ред, поредок, практично се она што во изминатиов период го немаме, кажа Ковачки.

Ковачки потсети дека власта на СДС е толку неспобна што со години не успеа да го изгради и автопатот до Охрид.

-Погледнете ги црните листи, погледнете го правосудството, погледнете го степенот на корупција кој што постои во Македонија и по тие параметри ќе видите кој е за ЕУ, а кој против ЕУ и направете споредба со изминатиот период. Ако некој не е во состојба да изгради еден автопат толку и толку години, јас веќе заборавив колку години се прави тој автопат до Охрид, тоа е врв на неспособноста. Она што тие го нудат во моментот е токму тоа, порача Ковачки.