Нови 2.341 случај на коронавирусот се регстрирани во претходното деноноќие што е речиси 38 отсто од вкупно тестираните 6.193 лица. Во моментов активни се 20.856 случаи на КОВИД-19, најмногу во Скопје – 11.390, потоа во Битола – 1613 и Прилеп – 754. Најмал број активни случаи се забележани во Дебар – 22 и Дојран – 14.

Од Министерството за здравство во изјава за МИА информираа дека на инфективните одделенија и во ковид – центрите во државава се хоспитализирани вкупно 576 пациенти со КОВИД-19 и има 183 слободни кревети. Во ковид – центрите во Скопје вкупно се хоспитализирани 174 пациенти од кои 71 на Клиниката за инфективни болести, 75 во ГОБ „8 Септември“ и 28 на Клиниката за белодробни заболувања ТБЦ.

На последната седница на главниот координативен кризен штаб беше усвоена препораката на Комисијата за заразни болести за кратење на периодот на изолација после позитивен ПЦР-тест од десет на седум дена. Оваа препорака е донесена поради полесната клиничка слика предизвикана од омикрон сојот. Кризниот штаб ја достави препораката до Владата и за неа треба да се дискутира на следната владина седница.

Од почетокот на вакцинацијата против коронавирусот во Македонија, вкупно се вакцинирани 864.759 лица со барем една доза на вакцина против КОВИД-19 во државата и странство. Податоците од Институтот за јавно здравје покажуваат дека комплетно вакцинирани со две дози се вкупно 841.143 лица, а со трета доза се вакцинирани 122.752 лица.

И регионот бележи пораст на позитивни случаи на вирусот. Во Србија вчера се регистрирани 19.901 нов случај, што е рекорден број на заболени за еден ден во државата од почетокот на пандемијата, а се зголемува и бројот на хоспитализирани случаи.

Европската Унија од 1 февруари ги олеснува мерките за патување во земјите-членки, односно го олеснува слободното и безбедно движење. Мерките против ширењето на инфекцијата треба да се спроведат земајќи ја предвид здравствената состојба на поединецот, а не епидемиолошката состојба во регионот од кој доаѓа.

Исклучок се „темно црвените“ области со високо ниво на циркулација на вирусот. Тоа значи дека клучна одредница за патувањето ќе биде дигиталниот ковид-сертификат на патникот, негативен тест или дека ја прележал болеста.

 

Од почетокот на пандемијата во земјава регистрирани се 259.328 позитивни лица на вирусот. Направени вкупно 1.755.926 тестирања на КОВИД-19. Оздравени се 230.206, а починати 8.266 лица.