Надлежните уверуваат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови. Воедно, апелираат граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање, бидејќи само на овој начин ќе успееме да го победиме вирусот.

Од Министерството за здравство информираа дека во изминатото деноноќие биле регистрирани 36 нови случаи на заболени од Ковид-19. Во меѓувреме продолжува и теренската вакцинација, која денеска ќе се одвива во 10 населени места во државата. Активни се вкупно 265 активни случаи на Ковид-19.

Министерот за здравство вчера преку објава на својот Фејсбук-профил информира дека рекорден број на дози вакцини се аплицирани во еден ден. Тој посочува дека за 24 часа една доза примиле речиси еден отсто од населението.

– Желбата на граѓаните за вакцинација многу охрабрува. За да му се вратиме на секојдневието кое сите го посакуваме треба колективен имунитет, а тоа значи што поголем број од населението да се вакцинира. Ве повикувам сите кои се уште се двоумите вакцините се безбедни и ефикасни и спречуваат тешка форма на болеста. Вакцинирај се без закажан термин, напиша Филипче.

Според последниот извештај од Министерството за здравство, вакцина досега примиле 800.168 граѓани, а ревакцинирани се 318.900 граѓани. Со последните бројки, како што соопшти Министерството, барем една доза вакцина имаат примено 62 отсто од населението над 70 години, 59 отсто од оние над 65 години, 54 отсто од граѓаните над 60 години и 44 отсто од лицата над 50 години.

Граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктовите низ државата.

Од Министерство информираат дека процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално новидаселено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата. Ревакцинацијата се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Во државата продолжува и теренската вакцинација, денеска во 10 населени места. Министерството за здравство соопшти дека вакцинацијата ќе се одвива на следните места: Тетово – Речица, Г. Речица, М.Речица, Калник, Чифлик; Струга – Д.Белица, Враништа; Битола – Ѓавато, Маловиште; Берово – Смојмирово.

Согласно вчерашните податоци од Институтот за јавно здравје, во претходното деноноќие се направени вкупно 3.569 тестирања. Од новите случаи на заболени, 15 се во Куманово, Скопје – 7, Тетово – 6, Гостивар – 2, Прилеп, Велес, Штип, Струмица, Кочани и Кичево – по 1. Регистрирани сe 12 оздравени пациенти и тоа од Тетово се пет, Скопје – 4, Битола – 2 и Свети Николе – 1.

Досега во земјата се направени вкупно 944.747 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 156.017, бројката на оздравени пациенти е 150.263, на починати е 5.489. Вкупно има 265 активни случаи.

Светската здравствена организација во меѓувреме вчера ги повика сите земји да работат заедно за да го испитаат потеклото на коронавирусот, еден ден откако Кина ги отфрли плановите за дополнителни лабораториски проверки на нејзина територија. СЗО предложи овој месец продолжување на претходните истраги во Кина.

Заменик министерот на кинеската Национална комисија за здравство рече дека Пекинг нема да го прифати предлогот каков што беше.

Коментирајќи го одбивањето на Кина, портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ, на состанокот на ОН во Женева рече дека не станува збор за политика или игра на вина.

– Во основа е барање сите да мора да се обидеме да сфатиме како вирусот влегол во човечката популација. Во таа смисла, државите навистина имаат одговорност да работат заедно и да соработуваат со СЗО, рече Јашаревиќ.

Тимот предводен од СЗО помина четири недели во Вухан со кинески научници, кои во заедничкиот извештај во март заклучија дека вирусот најверојатно бил пренесен од лилјаци на луѓе преку друго животно, но потребни се дополнителни истражувања.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека истрагата е попречена од недостигот на сурови податоци во првите денови од ширењето на вирусот таму. САД и другите земји, како и некои научници, побараа понатамошно истражување, особено на Институтот за вирологија во Вухан, кој го спроведе истражувањето на лилјаците.

Европската агенција за лекови (ЕМА) вчера одобри употреба на вакцина против коронавирусот на компанијата „Модерна“ за деца на возраст од 12 до 17 години, и тоа е втора вакцина препорачана за адолесценти. Употребата на вакцината Спајквакс (Spikevax) на Модерна ќе биде иста како кај адолесцентите на возраст од 18 до 25 години. Компанијата „Модерна“ уште во мај објави дека нивната вакцина е ефикасна и за тинејџери.

Австралиската држава Нов Јужен Велс вчера објави најголем дневен пораст на заразени со коронавирус оваа година, што предизвика посилни мерки за затворање во Сиднеј, а австралиските власти соопштија дека државата е во вонредна состојба што го попречува закрепнувањето на економијата.