Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Тетово против вработен на Меѓународниот универзитет во Тетово, поради сомнение дека сторил кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување исправа“.

Според Управата, пријавениот А.З., кој работел како административен службеник – виш соработник за логистика и теренско работење, во периодот од март 2020 до февруари 2023 година ја злоупотребил службената положба за да прибави противправна имотна корист.

Како што се наведува, наместо готовинските средства што студентите од Природно-математичкиот факултет, Факултетот за физичка култура и Факултетот за медицина му ги доверувале за уплата на сметката на Универзитетот преку системот Е-pay, по основ на партиципација, кофинансирање и други трошоци за студирање, тој ги присвојувал за себе.

Со ваквите дејствија, според сомнежите на Финансиската полиција, осомничениот противправно се стекнал со имотна корист од 3.362.272 денари (ОКОЛУ 55.000 ЕВРА), а за истиот износ му нанел штета на Буџетот на Универзитетот во Тетово.

За да го прикрие присвојувањето на парите, осомничениот, според пријавата, изработувал фалсификувани потврди за наводно извршени уплати преку системот Е-pay и им ги предавал на студентите како доказ дека средствата се уплатени.

Финансиската полиција наведува дека при изработката на фалсификуваните документи биле искористени податоци, вклучително и QR-код, од автентична потврда за електронска уплата, по што биле менувани податоците за уплатувачот, износот и датумот на уплатата.

Студентите, верувајќи дека нивните обврски се подмирени, ги прикачувале овие потврди во електронскиот систем на Универзитетот и ги доставувале до студентската служба како доказ за извршена уплата, соопшти Управата за финансиска полиција.