За многумина град кој никогаш не спие – со динамичен ноќен живот и кафеанска, боемска култура. Синоним за концерти, театарски претстави, изложби, журки, сплавови, шопинг, скара, ракија, староградска музика и турбо фолк. Естрадизација и кич, наспроти авангарда, алтернатива и концептуална уметност.

Овие дијаметрално спротивни, паралелни димензии како да го обликуваат идентитетот на Белград со децении. Речиси е невозможно, ако дојдете тука, да не ги воочите и почувствувате.

Се чини дека главниот град на Србија природно ја живее својата приказна во овој дуализам и екстремен меѓупростор. Што ќе видите, каде ќе прошетате и какви впечатоци ќе понесете со себе доколку имате можност да го посетите, зависи единствено од вашиот сензибилитет и интерес.

„Белград на вода“, „Кнез Михајлова“ и „Скадаралија“ или „Косанчиќев венец“, „Дорќол“, „Врачар“, па и „Чубура“.

Изборот е лесен.

„Косанчиќев венец“ – шарм на 19-от век

Прва станица – веројатно позната за љубителите на југословенската кинематографија. Куќата на Топаловиќи. Од култниот филм „Маратонците го трчаат почесниот круг“. Лоцирана на аголот меѓу улиците „Задарска“ и „Сребреничка“ во архаичното јадро на стар Белград – „Косанчиќев венец“.

Точната адреса е „Задарска“ 5 (денес „улица на Добрица Ќосиќ“).

Куќата датира од првата половина на 19. век, а, според записите, доѕидана е во 1905 година. Ќе ја затекнете во многу лоша, запуштена и руинирана состојба поради, наводно, нерешените имотно-правни односи. Во дворот, сепак, некој се уште суши алишта, има скала потпрена на дотраената, излупена фасада, а се гледа и по некој филџан.

Токму пред овој двоспратен објект, каде за потребите на филмот била „поставена“ работилницата за ковчези „Дуго коначиште“ на Топаловиќи, се снимени препознатливите сцени со неповторливите Данило Бата Стојковиќ, Павле Вуисиќ, Мија Алексиќ, Богдан Диклиќ, Јелисавета Сека Саблиќ, Зоран Радмиловиќ, Миќа Томиќ и Бора Тодоровиќ. Тука се изговорени и дел од незаборавните, антологиски реплики на Мирко Топаловиќ (најмладиот член на семејството кој не сака да биде погребник), Лаки Топаловиќ (таткото на Мирко), Милутин Топаловиќ (дедото на Мирко и татко на Лаки), Аксентие Топаловиќ (прадедото на Мирко и татко на Милутин), Пантелија Топаловиќ (основачот на погребното претпријатие чија смрт ја почнува кавгата за наследството), Били Питон (деловниот партнер на Топаловиќи кој им продава рециклирани ковчези), Кристина (ќерката на Били Питон и девојка на Мирко) и Ѓенка/Ѓерасим (најдобриот пријател на Мирко и локален кино-оператор). Во филмот единствено не зборува Максимилијан Топаловиќ (прапрадедото на Мирко кој е во инвалидска количка) – исклучително впечатлив лик, кој за момент потсетува на „Број 1“, водачот и основачот на тајната група ТНТ, од стрипот „Алан Форд“.

„Маратонци“, секако, е сниман и на други локации, но посебно доживување за неговите почитувачи е куќата да се види и денес.

Белградски Монмартр

„Косанчиќев венец“ е уште наречен и белградски Монмартр. Препознатлив е по пулсот на калдрмата, тишината (погледот) над Сава, уметничките галерии, дрворедите, симпатичните кафетерии,… Романтичен е и малку меланхоличен. Тука автомобилската врева исчезнува. Се слушаат само чекорите и тивките разговори на оние што дошле да испијат некое кафе или да поуживаат во мирот и естетиката.

Населбата го добила името во 1872 година по Иван Косанчиќ, српски витез и најдобар мечувалец на своето време, кој загинал во Косовската битка. Во периодот на отоманското владеење, „Косанчиќев венец“ се нарекувал Варош-капија и бил средиште на српскиот дел на Белград, додека Турците ја контролирале тврдината Калемегдан.

Денес, од секоја страна се издигнуваат куќи од 19. век со карактеристична балканско-ориентална архитектура. Тука се Конакот на кнегињата Љубица (една од ретките потполно сочувани градби од првата половина на 19. век), но и Соборната црква која гордо доминира со својот сив, зашилен врв, изграден под влијание на барокниот стил и класицизмот.

Веднаш спроти црквата, ве дочекува познатата кафеана „?“ – најстарата во градот, од 1826 година, каде сè уште можете да седите на триножни столчиња и да пиете домашно кафе (од ѓезве) со локум, во автентичен амбиент. Заштитена е како споменик на културата.

Сепак, најсилното емотивно сидро на ова место, како што велат познавачите, се урнатините на Народната библиотека на Србија. Уништена до темел при нацистичкото бомбардирање во април 1941 година, денес стои како обрасната, конзервирана јама и претставува споменик на културниот геноцид, но и место каде што локалните уметници често доаѓаат да рецитираат поезија.

На „Косанчиќев венец“ се наоѓа и Факултетот за применети уметности, чии студенти, со своите блокови за цртање, му даваат дополнителен шмек или ја дозачинуваат типичната боемска, уметничка нишка.

Ако потоа се упатите кон Калемегдан, но скршнете лево, ќе ги забележите т.н. Големи скали (стрмни и многу на број). Водат кон кејот на Сава, каде што е шеталиштето. Некаде на средината ве пресретнува интересно катче – кафеаната „СФРЈ“. Постои од 2013 година, а уникатна е по нејзиниот концепт. Внатре е како музеј. Ентериерот е исполнет со автентични предмети од периодот на поранешна Југославија – знамиња на СФРЈ, фотографии од Јосип Броз Тито, плочи, регистарски таблички, пионерски реквизити, часовници, радија, книги, фотоапарти,…

-Многу од овие предмети се на сопствениците, од нивните лични, семејни колекции, но дел ги донеле гостите. Инаку, „СФРЈ“ е за сите што денес, и по толку време, со насмевка на лицето и со задоволство се сеќаваат на периодот кога владееше братството и единството, ни рече еден од посетителите што го затекнавме пред кафеаната.

Во „СФРЈ“ масите се посветени на поранешните југословенски републики. Всушност, симболично, секоја поранешна југословенска република има своја маса, а персоналот што ве услужува е облечен стилски или ве пречекува во духот на поранешните пионери. Притоа, цело време во позадина се слуша екс-ју музика.

Полека се стемнува. Немаме многу време. Се упатуваме кон „градскиот шмекер“ – Дорќол.

Дорќол – колаж од историски приказни, стари занаетчиски дуќани и брзорастечка алтернативна и гастрономска сцена

Овој кварт, сместен на десниот брег на Дунав, во општината Стар Град, е место на кое минатото и сегашноста не само што се среќаваат, туку и живеат во совршена, шармантна симбиоза. Се вели дека инспирација тука барале Светлана Велмар-Јанковиќ, Иво Андриќ, Меша Селимовиќ, Стеван Мокрањац,…

Името доаѓа од турските зборови „dört“ (четири) и „yol“ (пат), што се однесува на четирите трговски патишта кои овде се вкрстувале за време во отоманскиот период.

Дорќол порано бил мултикултурен центар во кој со векови заедно живееле Срби, Турци, Евреи и Власи. Денес, ова некогашно главно трговско јадро е поделено на Горен и Долен Дорќол.

Горен Дорќол се протега од срцето на „Кнез Михајлова“ до фреквентната улица „Цар Душан“.

Се движиме по „Цар Душан“. Не случајно. Ја бараме најстарата куќа во Белград, изградена во првата половина на 18 век (1724–1727). Адресата е „Цар Душан“ број 10. Ја наоѓаме. Се врткаме, сакаме да ја фотографираме. Излегува човек на средни години, не прашува што правиме. Му се претставуваме, му кажуваме. Не повикува внатре, почнува да ни раскажува. Вели, по татко е Македонец, од Струга. Сега со своето семејство живее тука, во оваа куќа.

-Ова е куќата на Елијас Флајшман, барем така е позната. Преживеала бројни војни, окупации и промени, а имала и различни намени. Била дел од комплекс со седум идентични барокни куќи во низа, кои се протегале по тогашната „Долга улица“. Низ вековите, војните и бомбардирањата, сите останати шест куќи биле целосно уништени, а зградава останала како последен жив сведок на австрискиот барокен Белград надвор од тврдината. Интересно е што куќата ја задржала својата занаетчиско-трговска функција речиси 300 години. На почетокот на 20. век, тука имало текстилна работилница од која подоцна се развил познатиот југословенски моден гигант „БЕКО“. Подоцна, тука се наоѓала и првата пекара во Белград која работела нон-стоп, 24 часа, а денес во објектот сè уште работи нашиот ресторан-пицерија, ни објасни соговорникот.

Се насмеа кога го прашавме дали е точно дека куќата наводно има подрум, поврзан со тајни подземни тунели кои водат директно до Калемегдан.

Разговорот немаше крај. Од турско, преку Охрид и Скопје, до изборите во Србија, закажани за 25 октовмри. По час и половина муабет, конечно се поздравивме.

Продолжуваме по „Цар Душан“. Од левата страна ја здогледуваме Првата белградска гимназија, а веднаш по неа и Црквата Свети Александар Невски.

На само 300 – 400 метри од Гимназијата или неколку чекори подолу, се Бајракли џамијата од 1575 година (единствениот преостанат активен исламски верски објект во градот) и Музејот на Вук и Доситеј, сместен во стара отоманска градба.

Муралот на Пекиќ

Од црквата Свети Александар Невски, скршнуваме десно. Во навигацијата (за пешачење) ја внесуваме улицата „Цетињска“ 15. Кога сте веќе во зоната меѓу Скадарлија и Бајлониевиот пазар, не е лошо да ја посетите.

Тука некогаш се наоѓал погон (фабрика) на Белградската индустрија за пиво (БИП), чија приказна почнува во 1839 година. По неговото затворање во 2010 година, просторот го „заземале“ уметници, музичари и угостители, претворајќи го во алтернативен, концептуален центар, не ретко наречен и белградски Кројцберг.

Како што навлегувате во комплексот, ве поздравуваат фасадите на кои се исцртани мурали и графити, како и популарните клубови, барови, галерии, простори за концерти,…

Застануваме кај клуб-галеријата „Полет“, во чиј двор од 2021 година може да се види муралот на Борислав Пекиќ. Ова дело, на уметникот Милан Милосављевиќ – Дерокс, е направено врз основа на автентична фотографија на која писателот позира во опуштено издание, со темни очила и долга муштикла, што истовремено и дава модерен и ретро изглед. Автор на фотографијата е пријателот на Пекиќ, Александар Обреновиќ.

Продолжуваме. Околу нас сијалички во разни бои, музика, мирис на храна, вино и пиво.

Дорќол плац – слобода без компромис

Скоро е 21.30 часот.

Време е да се спуштиме кон Дунав, да преминеме во Долен Дорќол. Се враќаме кон Првата белградска гимназија и продолжуваме надолу, по улицата „Добрачина“. Лево и десно има преубави, мали, мирни улички што треба да се прошетаат, особено преку ден. Сите водат кон Дорќол плац.

Не можете и не треба да го утнете овој авангарден дел на Белград. Формиран во 2016 година, на просторот на некогашниот индустриски комплекс на „Добрачина“ 59 б, денес функционира како уметничка комуна.

Тука редовно се одржуваат театарски претстави, изложби, фестивали, промоции, пазари за ракотворби… Се промовира и поддржува одржлив развој на културата, екологијата, технологијата, спортот и науката, преку вклучување афимирани и неафиормирани уметници, студенти, научници и заинтересоирани поединци и групи, млади и стари.

Ние „начекавме“ промоција на книга на Стефан Симиќ, каде гостуваше и легендарната глумица Бранка Петриќ.

На 3.100 метри квадратни, Дорќол Плац зафаќа неколку целини – мал плац (камерен простор со завеса, дрвена сцена и дневна светлина низ аркада – сè што е потребно за седенка каде што публиката и изведувачот јасно се слушаат), голем плац (индустриски карактер, високи тавани и целосна техничка опременост – флексибилна сцена за сè помеѓу концерт и конференција, како и градина (отворен простор со крошни и индустриски ѕид како кулиса – најголемиот формат што го нуди Дорќол Плац, од пролет до есен).

 

Во непосредна близина на Дорќол плац се Музејот на наука и технологија, како и познатите „Силоси“ (Silosi Beograd – огромни бетонски силоси претворени во платформи за алтернативна електронска сцена, современа уметност, екологија и ноќен живот).

Доволно прошетка за едно доцно попладне во Белград кое заврши по полноќ. Уживањето на дунавскиот кеј го оставаме за некој следен пат.

МИА