Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, повика на целосно суспендирање на трговските релации на западните земји со Русија.

– Светот треба да престане да купува руски стоки и услуги и да тргува со Русија, бидејќи секој долар и евро што Русија ги остварува од тие зделки се вложува во одржување на режимот на Путин и на руската воена машинерија, изјави Кулеба на денешниот панел организиран од Фондацијата „Виктор Пинчук“ на маргините на Светскиот економски форум во Давос.

– Концептот на санкции против Русија треба да се заснова врз мошне едноставен принцип: елиминација на рускиот извоз… Тие треба да бидат отсечени од можностите да заработуваат на глобалната сцена, истакна тој.

За војната Кулеба изјави дека целта е мошне едноставна и јасна.

– Украина мора да победи. Точка, рече тој.

Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола критикуваше некои држави дека сè уште користат дупки во санкциите кон Русија.

– Тоа не треба да се дозволи, рече таа заложувајќи се за тоа Украина да се смета како кандидат за членство во ЕУ.