Косовскиот премиер Албин Курти во четвртокот изјави дека нема да се откаже од тоа градоначалниците на северот на Косово, избрани поради српскиот бојкот на изборите, да останат на функцијата и да работат од канцеларија, откако српските демонстранти се судрија со силите на КФОР поради нивното назначување.

„Градоначалниците треба да одат (на работа) и да работат во своите канцеларии“, изјави Курти за косовските медиуми. „Мора да имаме нормалност… Која е смислата на јавните згради за владините функционери ако тие не се користат?“ додаде тој.

Во судирите меѓу српските демонстранти и КФОР во понеделникот беа повредени 30 припадници на КФОР и 52 Срби. Поради насилството, НАТО најави испраќање дополнителни војници на Косово.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен во Осло ги повика Косово и Србија да „преземат чекори за деескалација“ на тензиите. „Ние го поддржуваме процесот на евроатлантска интеграција за Косово и Србија, но сегашната ескалација ги попречува, наместо да им помага, на напорите да се тргне во таа насока“, додаде тој.

Србите одбиваат да ги прифатат резултатите од изборите во април, сметајќи ги за нелегитимни поради слабата излезност од 3,5 отсто. Поради српскиот бојкот, за градоначалници на северот на Косово беа избрани Албанци.

„Тие (градоначалниците) мора да ја напуштат оваа област бидејќи не претставуваат ништо“, изјави за Ројтерс во средата Игор Симиќ, заменик-претседател на Српска листа, најголемата партија на косовските Срби поддржана од Белград.

Љуљзим Хетеми, градоначалникот на Лепосавиќ, е во својот кабинет од понеделникот, а силите на КФОР го чуваат градското собрание зад бодликава жица. Неговите колеги во Звечан и Зубин Поток работат од далечина од своите села, наведе Ројтерс.