Регулираните цени на тутунот растат, додека на природниот гас се намалуваат, се главните мерки кои го одбележаа овој први март во Франција, кога традиционално има измени во цените, јави дописникот на МИА.

Во 2017 година, Министерството за здравство си постави цел да ја зголеми просечната цена на кутија од 20 цигари на 10 евра до крајот на 2020 година, во неколку фази. Новото зголемување на цената стапува во сила од 1 март. Кутија на црвено Малборо најпродавана марка во Франција, (со 20 цигари) се зголемува од 9,30 на 10 евра, додека сината Лаки Страјк од 8,90 на 9,40 евра.

Цените на тутунот во Франција се поставуваат слободно, но мора да бидат наведени со декрет. Сепак, владата може да делува индиректно на овие цени со модифицирање на оданочувањето на производите. Следното покачување на данокот на тутун е закажано за ноември оваа година.

-Цената е моќна пречка за влез во потрошувачката на тутун и силна мотивација за (…) да се оди кон одвикнување“, објасни во 2018 година Министерството за здравство, изјавувајќи дека во Франција „тутунот убива 200 луѓе секој ден “.

Инаку по трет последователен месец се забележува на пад на регулираните цени на природниот гас . По просечно намалување од 0,9 отсто во јануари и 3,3 отсто во февруари, тие во март изгубија 4,6 отсто. Во детали „ова намалување е за 1,2 отсто за клиенти кои користат гас за готвење, 2,7 отсто за оние кои имаат двојна употреба, готвење и топла вода и 4,8 отсто за домови што се загреваат со гас “, се вели во соопштението на Регулаторната комисија за енергетика.