Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу денеска изјави дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе ја посети Турција на 8 јуни.

– Лавров ќе дојде во Турција на 8 јуни со воена делегација за да разговара, меѓу другото, за воспоставување безбедносни коридори за транспорт на жито. Тоа е најважното прашање, истакна Чавушоглу, додавајќи дека сака во Истанбул да се формира центар за надзор на коридорот.

Претседателот на Русија, Владимир Путин во вчерашниот телефонски разговор со шефот на турската држава Реџеп Тајип Ердоган изјави дека е подготвен да работи со Турција за слободно движење на артикли во Црно Море, вклучително и житото од Украина.

Поморскиот сообраќај е отежнат од почетокот на конфликтот во Украина и блокадата наметната од руската морнарица врз украинските пристаништа, како и поради подводните мини, од кои некои се откачија и се приближија до турскиот брег.

Иако Украина е сојузник на кој му испорачува борбени беспилотни летала, Анкара успеа да ги одржи односите со Москва, од која зависи снабдувањето со енергија.