Сите дојрански хотели, приватни сместувачки капацитети и угостители генерално се подготвени од утре да ги отворат вратите за гостите кои ќе пројават интерес годишниот одмор да го поминат на  брегот на Дојранското Езеро.

Веднаш по најавата на Владата за рестарт на хотелите, почнале и гостите да се распрашуваат за резервации, и покрај тоа што хотелиерите велат дека тоа не е тоа што се очекува и дека пандемијата од Ковид-19 негативно ќе се одрази врз очекуваниот ефект.

Некои од нив се подготвени за работа уште пред два месеца, некои тоа го прават во од, но едногласно велат „што вреди кога телефоните занемеа“ за разлика од лани кога во истото ова време не престанувале да ѕвонат.

Општата оценка е дека Дојран во јули ќе има „ваучерски туризам“ затоа што најмногу за условите за летување се распрашувале гости кои ќе употребуваат туристички ваучери и дека секогаш главната сезона, или шпицот, бил во август и првата половина на септември.

Во хотелот „Полин“ во Стар Дојран цената за ноќевање со појадок изнесува 1.000 денари, а за полн пансион 1.400 денари по лице. Во хотелот „Истатов“ цената за користење двокреветна соба со појадок е 1.600 денари (по 800 од лице), за полупансион 1.200 и за полн пансион 1.400 денари по човек.

Од најрепрезентативниот хотел „Романтик“ во центарот на Стар Дојран информираа дека соба за двајца со појадок чини 3.140 денари и дека за секое дополнително јадење ќе се наплаќа по 390 денари за лице.

Подготвени за пречек на гости се и приватните сместувачки капацитети. Кај „Апартмани Ступар“, кои нудат дваесетина апартмани, дневната цена за изнајмување изнесува 1.200 денари, колку што се нудат и услугите на останатите приватници.

Во сите хотели, приватни сместувачки капацитети и угостителски објекти строго ќе се применуваат мерките за заштита од Ковид-19, а послужувањето на гостите ќе се врши само на маса, без традиционалното самопослужување на „шведска маса“.

Хотелиерите и приватниците од Дојран велат дека имаат некои нејаснотии за  начинот на работа во услови на пандемија, но градоначалникот Анго Ангов најави дека на 23 јуни, во вторник, многуте дилеми на туристичките работници ќе им бидат разјаснети на средба со директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски. На средбата ќе се презентира и начинот на користење на туристичките ваучери.