Од еден од најзапоставените региони во државата во изминатите десетина години, истокот прерасна во вистинско градилиште. Се гради плански и се гради насекаде.Тоа на жителите на овој регион многу им значи и се поврзуваме и со регионот, и со соседна Бугарија, рече генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски, кој е и носител на листа во Изборната единица 3, при денешната посета и увид во градежните активности на регионалниот пат Ранковце – Крива Паланка, заедно со претседателот на СДСМ Зоран Заев.
-Задоволство е од мојата Крива Паланка да ја упатам пораката до граѓаните дека рехабилитацијата на патот Ранковце – Крива Паланка е пред самиот крај. Инвестицијата е вредна 2,6 милиони евра, преку Владата на РС Македонија, преку Министерството за транспорт и врски, Јавното претпријатие за државни патишта. Покрај овој патен правец,во овие две години започна и изградбата на новиот експресен пат Ранковце – Крива Паланка, вредна 58 милиони евра, ја завршивме експропријацијата, а активностите за изградба течат по планот. Започна и рехабилитација на патниот правец Крива Паланка – граничен премин Девет Баир, којшто не поврзува со Р. Бугарија. Подготвителните работи завршија, го имаме деталниот план за почеток на градежните работи.Оваа инвестиција изнесува 13 милиони евра, рече Николовски.
Според него, во регионот на Крива Паланка и Ранковце по 40 или 50 години  се реконструирани сите регионални државни патишта, кон селата Огут, Голеш, Луке.
– Навистина направиме за краток период голем пресврт на истокот, како еден од најзапоставените региони во минатото, и направиме многу работи од кои нема да се срамиме. Но СДСМ и коалицијата „Можеме” имаат многу поамбициозен план за истокот и целата наша држава за следниот период и мандат. Предвидуваме изградба на 260 километри автопатишта, 300 километри експресни патишта, 950 километри локални патишта и продолжуваме со рехабилитација на 1500 километри локални патишта низ целата држава, зашто можеме и повеќе и подобро, порача Николовски.