Претседателот Стево Пендаровски, со својата вчерашна изјава дека бугаризацијата е измислена од опозицијата, повторно потврди дека е нем набљудувач и соучесник во уништувачките процеси на македонската нација и идентитет, се истакнува во реакцијата од партијата Левица.

Во продолжение целото соопштение:

За еден претседател недозволиви се вакви неумесни изјави, кој треба да биде свесен дека култивирањето и грижата за националниот идентитет е континуиран процес, додека ја банализира опасноста од засилените иредентистички тенденции од внатрешните и надворешните политички субјекти.

Пендаровски нема одговор зошто две години криминалната коалиција од СДС и ДУИ нема политичка волја да го усвои новиот Закон за македонски јазик.

Со измените на овој закон, се предвидува вработување лектори во сите институции во државата, отворање лекторати во странство, електронска база на сите научни истражувања за македонскиот јазик и формирање инспекторат како посебна институција.

Дали шовинизмот на ДУИ и нивната сепаратистичка тенденција е причината за блокирањето на овој закон, со оглед на фактот дека со предлог-законот се регулира и прашањето на употребата на македонскиот јазик во однос на Законот за јазици, што значи дека македонскиот е прв службен јазик.

Сведоци сме дека милионски суми се издвојуваат за Инспекторатот за употреба на јазиците каде директорува ДУИ, додека во општините со кои раководи ДУИ секојдневно сведочиме целосна деградација и понижување на македонскиот јазик.

Негрижата за македонскиот јазик, фрлањето на Институтот за македонски јазик во длабока сенка, нерешениот статус на дипломираните македонисти наназад со години доведе до ситуација на катедрата за Македонски јазик да се запишуваат одвај по десетина студенти.

Оттука, недонесувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик, свесното урнисување на Катедрата за македонски јазик и затворањето на сѐ поголем број лекторати низ светот не може да се толкува никако поинаку, освен како чин на уште едно велепредавство на пробугарската власт!