Милитантите на Исламска држава ја презедоа одговорноста за вчерашниот напад на зградата на Министерството за надворешни работи на Либија, во Триполи.

За нападот од „тројцата напаѓачи – самоубијци на либиското МНР во престолнината одговорноста ја презеде огранокот `либиска покраина на ИД` од Триполи“, објави SITE intelligence group која ги следи џихадистичките организации на интернет.

Објавата на таа организација го потврдува сомнежот дека напаѓачите се милитанти на ИД, кој претходно за меидумите го изнесе извор од либиските служби за безбедност.

Во нападот на бомбашите самоубијци на либиското МНР вчера беа убиени две лица, а 18 беа ранети. Загинаа вработен во министерството и уште едно лице, рече министерот за внатрешни работи на Либија, Фати Башага на конференција за медиумите. Претходно министерсвото за здравство објави дека се убиени тројца, а 21 лице се ранети.

Тројцата напаѓачи активираа автомобил бомба и отворија оган врз зградата, пред да успеат двајца од нив да влезат во зградата и да се разнесат. Третиот напаѓач бил убиен од чувар, извести либиската новинска агенција, пренесе Хина.