Спроти одбележувањето на годишнината од смртта на охридскиот револуционер Петар Чаулев – активен и влијателен учесник во делувањето на внатрешната револуционерна организација, задутре во Спомен-куќата на Христо Узунов во Охрид ќе биде отворена изложбата „Лица на револуцијата“, со презентација на необјавени портрети на македонски револуционери.

Според информациите од Општина Охрид што и го организира настанот, со изложбата насловена „Внатрешната македонска револуционерна организација низ фотографии, 1893-1934“, ќе бидат одбележани три јубилеи – 120 години од смртта на Гоце Делчев, 120 години од Илинденското востание и 130 години од основањето на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација.

„Во основата на изложбата лежи една цела ризница на ретки и невидени фотографии, педантно собрани во текот на една цела деценија од колекционерите Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски. Нивната страст за историјата и фотографијата, заедно со немилосрдната потрага по историски артефакти, кулминира со изложба која несомнено ќе остави траен белег и кај македонската и кај меѓународната публика, како и меѓу научна јавност која го проучува периодот на револуционерните движења и борбата за слобода на македонскиот народ од крајот на XIX и првата половина на XX век“, додаваат од Општина Охрид.

Отворењето на изложбата е во 19 часот.

Фото: плакат