Се надеваме на почеток на преговорите со Македонија во декември, изјави денеска австрискиот министер за европски и меѓународни работи Михаел Линхарт на заедничката прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи во Скопје.

– Оној што го исклучува Западниот Балкан, ја ослабува Европа. Ние се заложуваме и ќе продолжиме да се заложуваме за тоа уште во декември да почнат преговорите. Тоа е нашето барање, и тоа барање го поставуваме пред нашите партнери во Европската Унија и тоа интензивно, порача Линхарт.

Тој оцени дека започнувањето преговори во декември не е важно само за  Македонија и за Албанија, туку тоа може да има позитивни влијанија за целиот регион на Западен Балкан.

Линхарт посочи дека се додека земјите од Западен Балкан не се членки на Европската Унија, се дотогаш ЕУ не го завршила интегрирањето и оти Западниот Балкан е дел од Европа.

– С. Макеоднија е типичен пример за кандидат во ЕУ. Затоа Австрија и натаму ќе се заложува за почеток на преговорите со Северна Македонија, порача шефот на австриската дипломатија.

Според него, силата и благосостојбата на Западен Балкан, значи сила и благосостојба за цела Европа.

Министерот Османи истакна дека Австрија е еден од најсилните поддржувачи на интегрирањето на Западен Балкан во Европската Унија.

– Ставот на Виена е дека Европа не е комплетирана без Западниот Балкан да е дел од Европската Унија и ние сме благодарни за тој став. Се наоѓаме во еден исклучително важен период за европските интеграции на државата и на целиот регион. Му кажав на министертѓот дека во С. Македонија и во нашето досие лежи клучот за деблокирање на целиот регион, бидејќи оттука треба да почне деблокирањето на регионот преку започнување преговори со Северна Македонија и Албанија што потоа ќе ги охрабри и другите држави да ги решат споровите со цел регионот да се движи во европски правец и да стане дел од ЕУ, рече Османи.

Тој додаде дека декември сѐ уште останува добар прозорец за отпочнување на преговорите со ЕУ.

– Зборувавме за декември, како еден добар прозорец за можноста и потребата за концентрирање на целокупната домашна, регионална и европска енергија во правец на искористување на оваа можност што е многу важна, не само за нашата приказна, туку за кредибилитетот на европската иднина, рече Османи.