Претседателката на Долниот дом на британскиот Парламент, Андреа Лидсом денеска најави дека на 29 јануари би требало да се одржи дебата и гласање за „планот Б“ за Брегзит на премиерката Тереза Меј.

– Целодневната дебата за предлогот би се одржала во вторник на 29 јануари, доколку Долниот дом се согласи со тоа, изјави Лидсом.

Таа најави дека Меј в понеделник на Парламентот ќе му го достави „план Б“ за Брегзит, откако во вторникот пратениците во Долниот дом го одбија Договор за истапување на Велика Британија од ЕУ, што лани во ноември го постигнаа Владата во Лондон и Брисел.

Доколку сега се одржи рефермдум за останување или истапување на Велика Британија од ЕУ, мнозинството Британци би се изјасниле земјата да остане дел од Унијата, покажуваат резултатите од денеска објавената анкета на агенцијата „ЈуГов пул“.

Според ова истражување, доколку се исклучат неопределените и оние што не би гласале, на евентуалниот референдум, за останување на Велика Британија во ЕУ би се изјасниле 56 проценти од анкетираните, додека 44 отсто би биле за Брегзит.

Агенцијата посочува дека ова е највисок процент на поддржувачи на британското останување во ЕУ во една анкета од референдумот за Брегзит во 2016 година.

Од вкупните резултатите, 48 проценти од анкетираните би се изјасниле за останување на земјата во ЕУ, 38 отсто би биле за напуштање, седум проценти се неопределени, а шест отсто не би излегле да гласаат на евентален нов референдум.

Анкетата е спроведена вчера, ден по одлуката на британскиот Парламент да го отфрли Договорот за Брегзит, со учество на 1.070 полнолетни граѓани на Велика Британија.