Лош ден за македонскиот спорт. По поразот на Вардар од Кјелце со десет голови разлика, нашата фудбалкса репрезентација доживеа пораз во Виена од Австрија со 2:1.

Иако резултатот не изгледа така страшно, сепак, нашата репрезентација одигра слаб натпревар, а малку се „тргна“ од сонот дури во последните 20 минути при водство на домаќинот од 2:0. За жал, тоа вроди со плод дури во последната минута од натпреварот кога Влатко Стојановски постигна мошне убав гол со глава за конечни 2:1.

Головите за Австрија ги постигнаа Алаба во 7 минута и Лаинер во 48 минута. Австријците со оваа победа само го потврдија својот пласман на ЕУРО 2020, а ние ќе го чекаме оној квалификационен натпревар со Косово на пролет, кој успеавме да го издејствуваме благодарение на добриот пласман во Лигата на нациите.

Во другите натпревари од нашата група, Словенија ја победи Латвија со 1:0 и сега го зазема третото место кое ние го држевме, а Израел загуби дома од Полска со 1:2.

Нашиот последен натпревар во овие квалификации е со Израел во Скопје во вторник од 20:45 часот.