Генералниот директор на Телеком Србија, Владимир Лучиќ, денеска најави дека Телеком на 16 ноември ќе ја отвори првата експозитура во Македонија и најави отварање на редакција на Блумберг Адрија за бизнис вести во Скопје, јави дописникот на МИА од Белград.
-Почнуваме со сателитска телевизија, а во март или април почнуваме и со мобилна телефонија во Македонија, изјави Лучиќ гостувајќи на ТВ Прва.
Тој додаде дека првата експозитура во Македонија ќе биде отворена во центарот на Скопје.
Во денешното интервју за Ало, директорот на Телеком Србија зборуваше и за неодамна официјално објавениот договор со Блумберг за отворање на регионална медиумска куќа која ќе се занимава со бизнис вести и за отворање на редакција на Блумберг Адриа во Македонија.
– Направивме голем чекор напред со две медиумски партнерства, со Eуроњус и Блумберг. Проектот на Блумберг е уште поамбициозен од Eуроњус. Блумберг Адриа ќе има редакции во пет земји – Србија, БиХ, Словенија, Хрватска и С. Македонија, а седиштето ќе биде во Белград. Блумберг е бренд за вистински економски информации. Тие дополнително ќе придонесат за унапредување на домашната економија, па преку Блумберг ќе можат да се промовираат насекаде во светот, а ќе имаат и сериозно и многу конкретно значење за соработката на економиите во регионот. Со врзување за такви брендови со неприкосновен меѓународен легитимитет, Телеком покажува дека сака што е можно повеќе квалитетни медиумски канали и, како во случајот со Водафон и Премиер лигата, покажува дека најголемите светски компании навистина сакаат да соработуваат со нас, изјави Лучиќ.
Тој кажа дека Телеком е член на Форбсовиот совет и најави дека во првиот квартал од следната година е планирано отворање на филијали на Телеком и во Германија и Швајцарија.
Во јули годинава, како што јави дописиникот на МИА од Белград, Лучиќ изјави дека во Скопје започнал основање на компанијата „Телеком“ во Македонија, кое ќе се вика Мтел, со нудење услуги за сателитска телевизија, а до крајот на годината, како што изјави, ќе бидат пуштени во употреба услугите на мобилните телефонски услуги и оптичкиот интернет.
-За нас, одлуките донесени на економскиот форум во Скопје се многу важни, бидејќи ние сме компанија која сака да биде лидер во регионот. Имавме планови за проширување на пазарите во С. Македонија и Албанија, плановите постојат од пред три години. Се обидовме да влеземе на албанскиот пазар со купување на Албански Телеком, но на крајот бевме спречени, изјави Лучиќ.
Телеком Србија а.д. Белград е српски државен телекомуникациски оператор, основан како акционерско друштво во јуни 1997 година.