Венецуелскиот претседател Николас Мадуро го поздрави почетокот на разговорите вчера со опозицијата во земјата во Мексико Сити. Тој им се заблагодари на Мексико и Норвешка за нивното посредување, јави Блумберг.

„Го поздравувам потпишувањето на Меморандумот за разбирање постигнат меѓу владата и опозицијата. Им благодариме на Мексико и Норвешка за нивните напори да донесат мир кај венецуелскиот народ“, напиша тој на Твитер.

Опозицискиот лидер Хуан Гуаидо го нарече тековниот дијалог можност да се постигне сеопфатен договор за ставање крај на страдањата на венецуелскиот народ.

Во меморандумот за разбирање, страните, меѓу другите теми, се согласија за распоредот за избори со меѓународни набљудувачи, укинување на санкциите против Венецуела и „враќање“ на правото за користење на замрзнатите средства на Венецуела во странство.

Даг Ниландер, претставник на норвешката влада, изрази оптимизам и рече дека разговорите заслужуваат силна поддршка од меѓународната заедница.