Камелија Кулакова, мајка на загинатата Фросина, побара најстрога казна за возачот Васил Јованов. Таа во потресен говор, рече дека ова не е само обична сообраќајка. Кажа дека ова е грабеж на живот, на иднина.
„Јас не сум само мајка која го изгубила своето дете, јас сум човек со откорната душа. Јас сум денес гласот на Фросина, зборувам за неа, затоа што таа повеќе не може да зборува. Фросина не беше само прегазена, таа беше згасната на начин што човечкиот ум не може да го прифати – без возачка дозвола, без положен возачки испит, пијан, на црвено светло, заобиколувајќи возила кои запреле, тој не запрел, не погледнал ниту почувствувал, ниту помислил. Ја удрил мојата Фросинче со толкава сила што ја исфрлил 15 метри. Со главата шофершајбната ја скршила, се качила на кровот. Од силината, го искршила семафорот од спротивната сала. Брзината не е двојна, бидејќи на црвено светло брзината е нула. Ниту еден орган не и беше поштеден, ниту срцето – се и беше оштетено. Градниот кош отворен. И така, мојата Фросинче убава, мила, ведра, насмеана, остана таму без здив, без иднина. Кој член од законот, кој став може да ја измери болката, која ја чувствувам секој миг. Ова не е судење за сообраќајка. Ова е судење за грабеж на живот, на иднина, за непопавлив грев, за убиство.
Посочи дека само најстрогата казна, ќе и ја врати вербата дека смртта на нејзината ќерка не била залудна.
„Барам највиска казна, барам правда. Не за одмазда, барам највисока казна за правда. За утре ниту едно дете да не се најде на местото на Фросина. Ве молам не дозволувајте животот на Фросина да заврши во празнина. Ве молам покажете дека правдата има душа, и дека злосторството не смее да помине како сенка. Правдата нема да ми ја врати Фросинче. Но ќе ми ја врати вербата дека нејзината смрт не била залудна“, рече Камелија Кулакова, мајка на загинатата девојка.
Јованов возел цик-цак, поминал на две полни ленти – ЈО со ова ќе докажува дека возачот кој ја усмрти Кулакова тоа го сторил со умисла
Обвинителот Александар Марковски во воведниот збор рече дека ќе докаже возачот Васил Јованов, кој смртоносно ја усмрти Фросина Кулакова која поминуваше на пешачки премин – тоа го сторил со умисла. На првото рочиште, обвинителот Марковски рече дека ова не е само несреќа во која навидум еден маж, прегазил жена. Обвинителот посочи дека сообраќајката е последица на низа сообраќајни пропусти. Затоа, рече обвинителот Марковски, возачот Васил Јованов, се гони за најтешката квалификација на кривичното дело.
Обвинителот рече дека тие ќе се трудат да докажат дека, за нецела минута пред критичниот настан, сторил и други пропусти од сообраќајна природа.
„Од типот на цик-цак возење, поминување на две полни ленти. Не се релевантни од кривична природа, но се докази за умислата за кривичното дело за кое се товари.“, рече обвинителот.
Тој посочи дека за сѐ имаат докази.
„Навидум еден маж, прегазил една жена. Но не е така. И ова не е така поради медиумската помпа или поради тоа што се случила на популарно место. Ова не е обична сообраќајка поради начинот на кој е сторена, односно големиот број на сообраќајни пропусти на строител, а највеќе поради загубата на животот на младата Фросина Кулакова. Овие околности придонесоа, правна квалификација, во нејзиниот најтежок квалифициран облик. За вакво нешто, за да се утврди, беа прибавени докази во поприличен број. Четири вештачења, од кои се издвојува сообраќајното вештачење кое е податливо. Беа испитани осум сведоци од кои најголем број се очевидци, има материјални докази. Обвинетиот е осудуван, иако тој не спомена дека бил осудуван кога ги даваше своите генералии“, рече обвинителот.
Кулаков: Тоа што Васил призна вина не ја намалува нашата болка – ако државата е болна, судот нека биде здрав
Васо не оди таму самостојно туку други му рекле да се врати да види што направил. Повикуваме да ја изречете највисоката затворска казна која според мене е ниска. Ако државата е болна, Судот нека биде здрав – рече во завршен збор таткото Тодор Кулаков.
Тоа што Васил призна вина не ја намалува нашата болка. Бараме најстрога пресуда за тој што и го одзеде животот, порача семејството на загинатата Фросина Калукова откако возачот призна вина.
Обвинителот Александар Марковски побара Јованов да биде казнет според законот, кој предвидува максимална казна од 20 години.