Македонците во селото Ербеле, во областа Поле или Долни Дебар во Албанија, на македонската граница кај Дебар, вчера и денеска славеа во чест на големиот христијански празник Преображение, објави Илинден, гласило на Македонското друштво Илинден од Тирана.

Македонците од цела Албанија, како што пишува весникот, се собираат во село Ербеле на 18 и 19 август за да го одбележат Преображение кај црквата Св. Преображение, која датира од 12 век. Ноќта пред празникот секој добронамерник и гостин е срдечно пречекан кај домаќините. На прослава за празникот Преображение присуствуваа Македонци со потекло од Ербеле кои што живат во Тирана, Драч, Елбасан, Маќелара, Горно Крчиште, Долно Крчиште, Дебар и од татковина Македонија. Во цркавата преноќуваат православни и муслимани.

Ернест Постоли од село Ербеле за македонскиот весник Илинден вели дека постои легенда од пред повеќе години според која, нешто огнено и црвено секој 18-ти август се спушта од црквата која што се наоѓа на врвот на планината Крчин (црква која што е поделена на пола помеѓу македонско – албанската граница) и оди право во црквата „Свето Преображение“.

– Секој 19-ти август во ова црква доаѓаат не само православни, но и муслимани кој спијат внатре во црквата и се молат за излекување од разни болести, затоа што ова црква се смета за света. Има луѓе кои се излекувани од ова црква, изјави Постоли.

Весникот пишува дека гостите спијат во овој божји храм и се молат за излекување од разни болести. Според жители на ова село голем број луѓе тука го нашле лекот за својата болест. Пред неколку години на овој празник во селото Ербеле започна да се воведува обичај да се меси погача во која има паричка.

Карактеристично за овој обичај е оној на кој ќе му се падне паричката од погачата да го преземе кумството за наредната година. Бидејќи празникот се падна во недела, неработен ден, бројот на присутните беше многу поголем од изминатите години, а празнувањето беше одбележано и со македонски ора и песни. Црквата „Свето Преображение“ во 1973 година албанските власти ја прогласија за споменик на културата.