Македонците од областа Мала Преспа го одбележаа патронот на манастриот „Света Марина“ во селото Туминец.

По повод денешниот празник посветен на Света великомаченица Марина – Марена – Огнена Марија, по традиција во Туминец беа не само жители од селата на Мала Преспа, туку и од подрачјето на Корча, Ресен и Прилеп.

За овој празник присутни беа и дел од поранешните жители и нивните потомци, кои сега живеат во други градови во Албанија, во Република Северна Македонја и Грција.

Одбележувањето почна од синоќа кога во дворот на манастирот до доцна во ноќта се виеше македонско оро и се пееја македонски песни, а по денешната Богослужба што ја одржа свештеникот Алексо Темелко, верниците продолжја со одблежувањето.

На патрониот празник присуствуваше и пратеникот во албанскиот парламент, Васил Стерјовски.

– Редовно сум тука за овој голем празник и одбележувањето на патронот на црквата, што ги обединува граѓаните со природната, духовната и човечката убавина и доблест. Честит и вековит да ни е празникот. Се помоливме за помош од Света Марена за здравје, многу повеќе радост, среќа, благосотојба, рече меѓу другото Стерјовски.

На ланското одбележување на патронот, заедно со македоците беше и албанскиот претседател, Илир Мета.

– Вие сте прекрасна заедница, мирољубива и трудољубива, која заслужува една подобра иднина. Да ни е напомош на сите нам за подобра иднина Светата великомаченица Марена. За Пустец, за Албанија, за Македонија и за нашиот прекрасен соживот. Убавини и добрини секогаш, рече Мета, кој ја посети и пештерската црква „Света Богородица“ во Туминец.

Селото Туминец е едно од десетте населени места во Мала Преспа. Се наоѓа на брегот на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење-Горица, и е второ село по големина, со околу 800 жители. Во овој манастир се наоѓаат поголем дел од моштите на Светицата каде се уште се случуваат чуда над нејзините мошти.