Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, упати честитка до Македонците во Република Албанија, во Македонија и ширум светот, како и до сите граѓани кои ги почитуваат слободата, човечкото достоинство, солидарноста и правото на секој народ да го зачува својот национален идентитет.
Во честитката, потпишана од претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски, се истакнува историското значење на овој датум, кој потсетува на храброста, пожртвуваноста и истрајноста на македонските револуционери во борбата за слобода, правда, достоинство и подобра иднина.
-Нивната борба е дел од историското наследство на Македонија и потсетник дека слободата и човековите права се вредности што бараат постојана грижа, одговорност и посветеност – се наведува во честитката на МАЕИ.
Посебен акцент е ставен на придонесот на македонските села кои денес се наоѓаат на територијата на Република Албанија. Македонското население од Преспа, Голо Брдо, Врбник, Поле и другите краишта имало свое место во револуционерното движење и во историските настани поврзани со Илинденското востание од 1903 година.
Преку учеството на востаници, поддршката на македонската револуционерна организација и солидарноста со борбата за слобода, жителите на овие села придонеле за зачувувањето на идеалите за слободна Македонија. Од МАЕИ нагласуваат дека нивниот придонес претставува важен дел од историското наследство на Македонците во Албанија и заслужува да биде зачуван и пренесуван на идните генерации.
Во честитката се истакнува и дека македонската заедница во Албанија и денес продолжува да го чува и развива своето историско, јазично и културно наследство, истовремено придонесувајќи за демократското општество, меѓуетничкото разбирање и соживотот во Република Албанија.
Според МАЕИ, одбележувањето на 23 Октомври не е само потсетување на историските настани и жртвите на македонските револуционери, туку и повик за одговорно градење на иднината – општество во кое различностите се почитуваат, малцинските права се гарантираат, а секој човек има можност слободно да го изразува својот идентитет и да придонесува за заедничкиот напредок.
-Со длабока почит им оддаваме признание на сите кои се бореле за слободата и достоинството на македонскиот народ. Нивната посветеност нека биде инспирација за единство, меѓусебно почитување, солидарност и истрајност во зачувувањето на нашето историско и културно наследство – се наведува во честитката потпишана од претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски.
Од Македонската алијанса за европска интеграција упатија порака за зачувување на македонската историја, јазик, култура и традиции, како и за градење иднина заснована врз мир, слобода, еднаквост, меѓусебно почитување и достоинство.
„Нека ни е честит 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба!“, порачуваат од МАЕИ.
Фото: МАЕИ




