Со триумф од 30:27 над тимот на Турција, во завршниот квалификациски натпревар, македонската машка ракометна репрезентација го обезбеди настапот на Европското првенство кое следната година ќе се одржи во Германија.

Најдобрите македонски ракометари до победата стигнаа потешко од очекувањата.

И покрај константното водство во текот на целото прво полувреме, кое на моменти изнесуваше четири голови разлика – 7:3 и 9:5, турските ракометари со два погодоци во самата завршница успеаја да го изедначат резултатот на 15:15 и така да заминат на одмор.

Второто полувреме донесе поинаква слика на теренот во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, во корист на репрезентативците на Турција, кои со серија од три погодоци влегоа во предност, која ја одржуваа до 55. минута, кога македонскиот тим, благодарение на одличниот голман Мартин Томовски, првпат се врати во водство со гол предност – 26:25.

По ова следуваа серија голови на Марко Митев, со кои избраниците на селекторот Кирил Лазаров успеаја да ја сочуваат предноста до крајот на натпреварот.

Завршниот гол од седум метри за конечен резултат 30:27 го постигна 36-годишниот Гоце Георгиевски, кому ова му беше последен настап во националниот дрес што го носеше изминатите 16 години.

Најефикасни во македонскиот состав беа Марко Митев и Жарко Пешевски со по пет голови, додека Томовски на голот запиша 15 одбрани.

Северна Македонија го заврши настапот во квалификациската група 1 на второто место со четири победи и два порази и заедно со првопласираната Португалија обезбеди место на завршниот турнир во Германија.