Врнежите во поголем дел од земјава се од снег, а само во крајните источни делови се од дожд, каде се и најинтензивни и имаат пороен карактер. Поради снегот има забрана за камиони на повеќе патишта и превои.
Во ноќните часови врнежите ќе се намалуваат. Ќе дува умерен до засилен северозападен ветер. Утре врнежи од снег со слаб до умерен интензитет ќе има во источните и јужните делови, а во крајните југоисточни ќе бидат од дожд и снег, информираат вечерва од Управата за хидрометеоролошки работи.
Висината на снежната покривка на Попова Шапка е 97 сантиметри, во Маврово – 80 сантиметри, во Лазарополе – 50 сантиметри, Пожаране – 45 сантиметри, во Тетово – 16 сантиметри, во Скопје – 15 сантиметри, Демир Капија – 13 сантиметри, Претор – седум сантиметри, во Тополчани и Битола – пет сантиметри и два сантиметри во Берово.
Врнежите од снег ќе продолжат и во Скопската Котлина, во ноќните часови ќе се намалуваат по интензитет.
Во Гевгелија наврнаа 68 литри на метар квадратен, во Демир Капија 63 литри, во Струмица 40 литри, во Виница 23 литри, во Берово и Пожаране 20 литри, во Штип 16 литри, во Тетово 14 литри, информираат од УХМР.
Забраната за движење на тешки моторни возила вечерва е воведена на патните правци Кичево – Охрид преку планискиот премин Пресека, Крива Паланка – Деве Баир и Македонски Брод – Прилеп преку планинскиот премин Барбарос, информираат од ЈП Македонија пат.
Патниот правец Росоман – Прилеп, како што се посочува, е во прекин поради превртено возило на ЈП Македонија пат.
Од 19:30 часот патниот правец Демир Капија – Гевгелија се пренасочува по стариот пат, поради сообраќајна незгода, наведуваат од ЈП Македонија пат.
Скопското ЈП „Комунална хигиена“ вечерва соопшти дека со 40 работници од дежурната служба го чисти снегот од скопските булевари и поголемите градски улици.
Се расчистува и централното градско подрачје – големиот ринг, плоштадот и улицата Македонија, како и реонот околу Градската болница, Владата и Собранието на РМ. Со цел да се овозможи безбедно движење на пешаците, постојано се посолуваат и пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“, „Слобода“, „Мајка Тереза“, Камениот мост и Мостот на револуцијата, посочуваат од ЈП „Комунална хигиена“.
Додаваат дека од механизацијата се употребуваат мултикултиватори, трактори со специјални четки и ножеви за снег, трактори со плуг и патарки за расфрлање на сол и дека во согласност со временските услови, активностите ќе продолжат и во текот на ноќта.
Забрана за движење на тешки моторни возила е воведена вечерва на патниот правец Ресен – Охрид преку планискиот премин Буково, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија.
На патниот правец Гостивар – Кичево преку преминот Стража, како што се посочува, има забрана за сообраќај на сите видови на товарни возила, без оглед на нивната маса. За патничките возила задолжителна е употреба на зимската опрема
Во меѓувреме, сообраќајот на патниот правец Росоман – Прилеп е отворен за сите видови на возила во двата правци, а на патниот правец Велес – Катланово е отворен само за патнички возила по една коловозна лента. За товарните возила останува забраната за движење, наведуваат од АМСМ.