Премиере, со која свест и совест, етика и морал, вие преговарате во името на народот за промена на неговото исконско име и идентитет, прашуваат од „Македонски манифест“ во отвореното писмо до премиерот Зоран Заев и до министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Во писмото се нагласува дека за македонските граѓани единственото ерга омнес решение е Република Македонија.

– Премиере, во Софија испијте со Ципрас балканско кафе. Можете да се договорете и за летниот одмор, да го минете со своите семејства во Солун, или во Охрид. Сеедно. Може тоа, по ист начин, да го стори и вашиот (не знам дали е и наш, на народот) министер за надворешни работи, Никола Димитров, со бескрајно арогантниот Коѕијас. Тоа. Само веќе еднаш оставете го нашето име на мира, откажете се од наумот да го прекрстете сопствениот народ, кој е крајно збунет, депримиран од вас, и не знае за што ве родил. За живот или за гибел. Пред изборите ветивте живот, а сега на Македонците им нудите смрт. Идентитетска. За вас е шега тоа, бидејќи не е физичка, но сите антрополози, доколку знаете нешто од таа област, велат дека идентитетската смрт е најстрашна од сите видови смрт, се вели во писмото.

„Македонски манифест“ го прашува Заев:

– Премиере, со која свест и совест, етика и морал, вие преговарате во името на народот за промена на неговото исконско име и идентитет. Вие и вашиот, како вас, со иста душа и „морал“, министер за надворешни работи? Знаете ли што е тоа име, дека е тоа онтолошка, а не политичка категорија со која секој политички идиот може да си игра како што сака? Ако не знаете, прашајте ги вашите соселани од Муртино, тие подобро знаат од вас што е тоа. Секој простосрдечен, обичен Македонец. Оставете ги советите на оној тотем од Кале, како и советите на европските политмајстори на македонската идентитетска смрт, ако сакате по вашата смрт нешто да преживее во меморијата на овој народ на кого, како што велите вие, сакате да му го сочувате достоинството. Демек со достоинствено решение за името. А кое е тоа? Ако не знаете, тоа решение единствено МАКЕДОНИЈА ЕРГА ОМНЕС! Оттука до вечноста! Како што беше тоа, всушност, и во овие минати неколку милениуми, се вели во обраќањето.

Натаму, во писмото на „Македонски манифест“ стои:

– Вашите западни спонзори, кои добро ја имаат проучено стратегијата на Пилат, ве користат како вода, макар валкана, да си ги измијат отсекогаш валканите раце. Тие го смислија, а вам ви ја доделија улогата, да го реализирате смртоносниот идентитетски проект, се вели во реакцијата.